Во интервјуто за „Њујорк пост“, американскиот претседател го пофалил началникот на пакистанската армија, фелдмаршалот Асим Мунир, оценувајќи дека завршил одлична работа во организирањето на првата рунда од преговорите
Американскиот претседател Доналд Трамп навести дека мировните преговори помеѓу Соединетите Американски Држави и Иран би можеле да продолжат во следните два дена во главниот град на Пакистан.

Трамп ова го изјавил во разговор со новинарка на „Њујорк пост“, која известувала за време на првата рунда од преговорите помеѓу САД и Иран што се одржа викендов во пакистанската престолнина Исламабад.
„Нешто би можело да се случи во следните два дена, а ние сме посклони да одиме таму (во Исламабад)“,
изјавил Трамп за „Њујорк пост“.
Во контекст на разговорот тој го пофалил началникот на пакистанската армија, фелдмаршалот Асим Мунир, оценувајќи дека завршил одлична работа во организирањето на првата рунда од преговорите.
„Поверојатно е да се вратиме таму (во Пакистан) бидејќи фелдмаршалот одлично си ја заврши работата“,
додава Трамп.
Во интервјуто, американскиот претседател не откри кој ќе ги претставува САД во потенцијалната втора рунда преговори, но потврди дека тој лично нема да учествува.
И покрај маратонските разговори во Исламабад изминатиот викенд, САД и Иран не успеаја да постигнат договор за завршување на конфликтот и за отворените прашања меѓу двете земји. По разговорите, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс рече дека САД ја дале својата конечна и најдобра понуда, а Иранците одбиле да ги прифатат американските услови за договор. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, пак, рече дека несогласувањето околу две или три клучни прашања спречило договор со САД.
