Против Груевски, како што информираат од Основниот кривичен суд Скопје, се водат и судски постапки во отсуство за случаите „Титаник“ и „Талир 2“
По најавите за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, кој во ноември 2018 година побегна во Унгарија, тема што стана актуелна по изборната победа на Петар Маѓар, денеска од Основниот кривичен суд Скопје преку соопштение направија пресек на предметите за кои има правосилни пресуди за Груевски и оние за кои се во тек судски процеси.

Некои од кривичните дела за кои е осуден или обвинет Груевски се веќе застарени, но повеќето се активни, а едно од нив застарува дури за 17 години.
Така, како што информираат од Кривичен, Груевски треба да издржи затворска казна по две изречени судски пресуди, а во судница го чекаат уште два активни предмета.
Конкретно, треба да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство во Центар“, кој застарува во септември 2027 година, како и девет години затвор за случајот „Плацеви на Водно“, дело што застарува во 2043 година.
Активни се предметите „Титаник“ и „Талир 2“.
„Во однос на повеќе новинарски прашања поврзани со судските процеси против осуденото лице Н.Г., поврзани со повеќе предмети кој ги застапуваше поранешното Специјално јавно обвинителство, ја информираме јавноста дека во моментот… се активни две потерници за извршување на санкции, и тоа по пресуди познати како: ’Насилство во Центар’, со пресуда К.бр. 1904/16, за која е оформен предмет за извршување на затворска казна КУИКП 1094/21, во траење од една година и шест месеци, чие извршување застарува на 10.9.2027 година; како и предметот познат како ’Плацеви на Водно’, со пресуда КОК 63/21, за кој е оформен предмет за извршување на затворска казна КУИКП 732/23, со единствена казна затвор од девет години, чие извршување застарува на 14.2.2043 година. Со оглед дека за истиот предмет е изречена и парична казна која не е наплатена, истата е заменета со казна затвор во траење од 180 дена, чие извршување застарува на 14.2.2027 година“,
пишува во соопштението од Кривичниот суд.
Во однос на предметот познат како „Тенк“, Судот утврдил дека извршувањето на казната затвор од две години е застарено поради исполнување на законските рокови.
Пресудата станала правосилна на 4 октомври 2018 година, а рокот за апсолутна застареност истекол на 4 октомври 2024 година, по што судот донел решение за запирање на извршувањето.
„Во однос на предметот познат како ’Тенк’, со пресуда КОК 59/17, за кој е оформен предмет за извршување на казна затвор во траење од 2 години (КУИКП 1807/18), ја известуваме јавноста дека извршувањето на казната е застарено на 16.10.2024 година, поради исполнување на роковите утврдени со Кривичниот законик. Имено, со оваа пресуда Н.Г. е огласен за виновен за сторено кривично дело – примање награда за противзаконито влијние од чл. 359 ст. 2 од Кривичен законик и осуден на казна затвор во траење од две години, која пресуда е правосилна од 4.10.2018 година. Апсолутна застареност за извршување на оваа пресуда согласно одредбите од чл. 109 и чл. 111 од КЗ, настапила на 4.10.2024 година. Поради тоа, судот по службена должност донел решение за апсолутна застареност на извршувањето на санкцијата“,
се наведува во соопштението од Кривичниот суд.
Покрај овие предмети, против Груевски, како што информираат од Кривичен, се водат и судски постапки во отсуство за случаите „Титаник“ и „Талир 2“, со оглед дека лицето не е достапно за органите на прогонот.
„Талир 2“ застарува во август оваа година.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека екстрадиција за Груевски е побарана уште во 2018 година и дека е одбиена од унгарските власти во 2019 г.
„Од она што сум запознаен, постои процедура доколку лицето има право на азил поради определени причини“.
рече тој.
За дополнителни информации, премиерот ги упати новинарите да се обратат до Министерството за правда.
На новинарско прашање дали има очекувања дека Груевски ќе се врати во земјава, Мицкоски рече оти нема такво нешто и додаде дека ако поранешниот премиер се појави во земјава ќе биде упатен на извршување затворска казна.
Претходно, лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) постави прашање до владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, дали досега поднеле барање за екстрадиција на Никола Груевски во земјава, но и дали тоа ќе го сторат по изјавата на новиот унгарски премиер.
„Маѓар експлицитно наведе дека Унгарија ќе ги испорача оние што се кријат на нејзина територија и директно го означи Никола Груевски како криминалец. Тој со години наназад уживаше гостопримство од Виктор Орбан кој го штитеше од правдата. Ќе бега ли на друго место, во Русија или во некоја друга земја, или ќе се врати тука да ја отслужи казната“,
праша Филипче.
