Посочи дека екстрадиција за Груевски е побарана уште во 2018 година, а е одбиена во 2019 година од страна на унгарските власти. За дополнителни информации, премиерот ги упати новинарите да се обратат до Министерството за правда
За најавата на лидерот на опозицијата Венко Филипче дека ќе бара ревизија на договорите Унгарија наменети за телекомуникации, енергетика и медиуми, премиерот рече дека сите договори се транспарентни. Осврнувајќи се на инвестициите во телекомуникацискиот сектор, премиерот појасни дека станува збор за јавна постапка спроведена преку Агенција за електронски комуникации, на која може да аплицираат сите заинтересирани компании. Не е запознаен, како што рече, со конкретни унгарски инвестиции во енергетиката, но истакна дека сите потенцијални вложувања се добредојдени доколку се во согласност со законите и Уставот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја коментираше победата на Петар Маѓар, лидерот на партијата Тиса, која однесе убедлива победа на парламентарни избори во Унгарија одржани во неделата, како и најавите за евентуална екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, кој во ноември 2018 година избега за Будимпешта, каде што доби политички азил.

Мицкоски му ја честита победата на Петар Маџар додавајќи оти очекува дека политиките што ќе ги води ќе бидат проевропски, со поддршка за членство на регионот во Европската Унија, вклучително и на државата.
„Ние имавме исклучителна блиска и непосредна соработка со претходниот претседател на владата во Унгарија, Виктор Орбан. Но, волјата на граѓаните во Унгарија е јасна и недвосмислена и Маѓар ја доби поддршката. Политиките што ќе ги води очекувам да бидат проевропски и проинтегративни. Очекувам и бескромпромисна поддршка за интеграција на регионот, вклучително и нашата држава во рамките на Европската Унија“,
рече тој.
За пораката на Маѓар дека неговата земја повеќе нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил, при што го наведе и името на поранешниот премиер на С Македонија, Никола Груевски, Мицкоски рече дека специфичните политики поврзани со ова прашање се одлука на унгарската влада.
Посочи дека екстрадиција за Груевски е побарана уште во 2018 година, а е одбиена во 2019 година од страна на унгарските власти.
„Од она што сум запознаен, постои процедура доколку лицето има право на азил поради определени причини“.
За дополнителни информации, премиерот ги упати новинарите да се обратат до Министерството за правда.
„Јас не сум министер за правда, јас сум претседател на Владата“,
рече тој.
На новинарско прашање дали има очекувања дека Груевски ќе се врати во земјава, Мицкоски рече оти нема такво нешто и додаде дека ако поранешниот премиер се појави во земјава ќе биде упатен на извршување затворска казна.
„Јас немам никакви очекувања, но ако Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и откако се појави, нормално дека органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на издржување затворска казна која е согласно правосилна одлука. Ние сме влада, за која сите закони важат и која мора да ги почитува законите и институциите во државата. Секое лице има право да ги користи институциите и своите права да поднесува жалби. Ние како Влада имаме правосилна пресуда, со која, лицето за кое говорите е упатено на отслужување затворска казна. За тоа дали ќе се врати и кога ќе се врати, јас немам такви очекувања“,
вели Мицкоски.
За најавата на лидерот на опозицијата Венко Филипче дека ќе бара ревизија на договорите Унгарија наменети за телекомуникации, енергетика и медиуми, премиерот рече дека сите договори се транспарентни, додавајќи дека СДСМ по ова прашање се однесува како Алиса во земјата на чудата.
Институциите, како што рече, се отворени и транспарентни и дека секоја информација може да биде доставена согласно законските процедури.
Потсети на, како што рече, неточните прогнози на СДСМ од изминатиот период, вклучително и тврдењата дека државата ќе банкротира и дека ќе има прилив на мигранти во април.
„Не банкротиравме. Напротив, годината ја завршивме со еден од петте најдобри економски резултати во Европа според растот на бруто-домашниот производ. Исто така, се најавуваше доаѓање на мигранти во април, но такво нешто не се случи“,
рече Мицкоски.
Како доказ за стабилноста на економијата, ги посочи и зголемените плати и пензии, како и постигнатите договори со синдикатите УПОЗ и САДУ за вработените во јавната администрација.
Осврнувајќи се на инвестициите во телекомуникацискиот сектор, премиерот појасни дека станува збор за јавна постапка спроведена преку Агенција за електронски комуникации, на која може да аплицираат сите заинтересирани компании.
„Компанијата ‘Фор-ај-џи’ е партнер со германската ‘Раинметал‘ и со ‘Спејс икс‘ на Елон Маск и веќе уплати 9 милиони евра и го стекна правото да стане трет мобилен оператор. Прашањето е зошто во времето на СДСМ и ДУИ немаше трет оператор и зошто граѓаните плаќаа високи цени за услугите“,
кажа премиерот.
Не е запознаен, како што рече, со конкретни унгарски инвестиции во енергетиката, но истакна дека сите потенцијални вложувања се добредојдени доколку се во согласност со законите и Уставот.
