Фидес на досегашниот премиер Виктор Орбан победи во едвај 13 од 106 изборни единици чии граници се цртани со примена на т.н. џеримандеринг за да и одговараат на владејачката партија
Пребројувањето на гласовите од парламентарните избори во Унгарија привршува, а со тоа привршува и неизвесноста за магнитудата на изборната победа на опозициската партија Тиса на Петер Маѓар, односно на поразот на досегашниот премиер и лидер на партијата Фидес, Виктор Орбан. Тиса и Маѓар, речиси е извесно, ќе имаат двотретинско мнозинство во парламентот што ќе им даде шанса да влезат во коригирање на она што во изминатите години го направи Орбан инсталирајќи систем на илиберална демократија во Унгарија.
По обработени 98,5% од гласовите, победничката Тиса освојува 138 мандати во парламентот наспроти Фидес со 55. Во 199-члениот парламент, за двотретинско мнозинство се потребни најмалку 133 пратеници што значи дека Петер Маѓар како иден премиер може да смета на пет гласа повеќе од минимумот.

Кога ќе се разложат мандатите на оние што доаѓаат од 106. изборни единици во кои се избираат исто толку пратеници според мнозинскиот модел во еден изборен круг (the first past the post) и на оние што се избираат според пропорционалниот модел, вкупно 93 мандати, при што државата е една изборна единица, а минималниот праг за влез во парламентот е 5% од гласовите, се гледа дека победата на Тиса е голема поради значајниот број пратенички места освоени во мнозинските изборни единици.
На картата подолу се прикажани тие 106 изборни единици и огромен дел од нив, дури 93, се обоени во светло сина боја. Тоа значи дека во нив победил кандидатот на Тиса. Само 13 се во портокалова, бојата на Фидес.

Како што може да се види на мапата во продолжение на текстот, светло сино свети цела Будимпешта. Главниот град е поделен на 16 изборни единици според мнозинскиот модел и во сите нив победија претендентите од опозициската Тиса. Но, Тиса не победува само во урбаните средини кои се сметаа за нејзини упоришта, туку и во руралните, иако таму се веруваше дека доминира Орбан, особено што границите на 106. изборни единици се цртани со т.н. џеримандеринг за да и одговараат на партијата Фидес. Сепак, независно од тоа, на изборите во неделата се покажа дека ни целно скицираните изборни граници не и помогнаа на Фидес.

Што се однесува до 93. мандати кои доаѓаат од националните листи, таму соодносот е далеку побалансиран поради сложената формула на пресметување на гласовите што се земаат предвид, а потоа и на пратеничките места. По оваа основа, Тиса додава 45 мандати на 93. од мнозинскиот систем, а Фидес освојува уште 42 покрај 13. од 109. изборни единици.

По вчерашното гласање, кога веќе стана јасно какви се трендовите, Виктор Орбан прво му се јавил по телефон на Петер Маѓар и му ја честитал победата, а потоа и на прес-конференција го призна поразот. Победникот Петер Маѓар, пак, на насобраните илјадници поддржувачи им порача дека заедно го собориле режимот на Орбан и ја ослободиле Унгарија.
