Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води предистрага за случајот со РЕК „Битола“, за кој министерот за внатрешни работи Наќе Чулев рече дека ексдиректорот Васко Ковачевски вршел изнуда и барал поткуп од фирма која законски добила тендер за ископ на јаловина.
Ковачевски, исто како и Чулев, повика сите надлежни институции да постапат и да работат на случајот, а во интерес на вистината, но ги отфрли изјавите на министерот и најави кривична против него.

На прашањата на „360 степени“ дали се постапува по овој предмет и до каде е постапката, која е уценетата, а која привилегираната фирма, за кои зборуваше Чулев, Обвинителството даде краток одговор во кој посочува дека случајот е во предистрага.
„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги презема сите неопходни мерки во насока на расветлување на случајот за кој покажувате интерес. Со оглед дека се работи за предмет во предистражна постапка, во моментов Обвинителството не може да сподели повеќе детали“,
велат од Обвинителството.
Што кажаа Чулев и Ковачевски за случајот?
Министерот во петокот од Битола соопшти дека има кривична пријава за Васко Ковачевски оти како директор на РЕК „Битола“, на која позиција беше од јануари 2018 до крајот на јули 2019, заедно со потесното раководство, барал од реномирана фирма која добила тендер да острапи дел од договорот на друга фирма – подизведувач блиска до СДСМ.
„Со оглед дека одговорните лица во фирмата која го добила тендерот одбиле да отстапат дел од договорот притисокот продолжил во насока што од страна на директорот на РЕК ‘Битола’, согласно пријавата, бил побаран поткуп во износ од 250 000 евра“,
рече Чулев.
Во верзијата која ја соопшти тој, фирмата не подлегнала, а раководството на РЕК „Битола“ правело опструкции и на крајот го раскинало договорот. Последицата е тужба и побарување оштета од 1 милион евра од страна на правното лице, вели министерот.
„Се работи за сериозна штета нанесена на буџетот на Македонија и на РЕК Битола, а вклучително и на правното лице кое на законски начин го добило договорот. Од тие причини упатувам апел до Јавното обвинителство да постапи по доказниот материјал доставен од МВР со цел расветлување и комплетирање на овој кривично-правен настан во кој се инволвирани високи раководители на СДСМ“,
повика Чулев.
Ковачевски, кој сега е генерален директор на ЕСМ, уште во петокот ги отфрли ваквите обвинувања и најави кривична пријава до министерот за внатрешни работи. Тој изјава за овој случај даде и вчера и рече дека министерот се става и во улога на истражител и обвинител и судија, а паралелно извршува партиска агенда на Мицкоски.
„Во неговите искази споменува реномирана фирма. Можеби, тоа е фирмата чиј основач или директор или сопственик е поранешен генерален директор на РЕК Битола во времето на ВМРО-ДПМНЕ и нивни истакнат партиски активист. Тоа е фирмата, којашто во тоа време, преку тендери заработи стотици милиони. За овие и другите работи, АД ЕСМ ќе излезе со официјални соопштенија и со пријави за сите сомнителни и коруптивни зделки“,
рече Ковачевски.