Фан-страницата на Фејсбук на градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, е хакирана, што е втор напад во период од околу 6 месеци. Во изјава за „360 степени“, Богоев вели дека забележал дека како администратори, покрај постојните, се појавиле и два италијански профили. Но, ова е првиот дел од она што се случувало со неговата страница на Фејсбук.
„Денеска, практично, се случија две работи. Прво, со фан-страницата која има околу 25 000 следбеници. Кога влегов во панелот за администратори, покрај мене и задолжениот за комуникација, како администратори покажуваше и два италијански профили. Втората работа која се случи речиси во исто време е во врска со мојата вчерашна објава од фан-страницата за адреналинскиот парк во Карпош, која стана популарна на Фејсбук и достигна ‘органик рич’ од околу 60 000. Луѓе што ја споделиле објавата денеска ми кажаа дека им стигнало известување дека тоа што го споделиле е пријавено како лажна вест. Фејсбук ако сака да те опомене за нешто, нема да ти прати двајца Италијани фантоми да ти го земат фан-пејџот“,
вели Богоев.
Хакирањето е пријавено во компанијата Фејсбук, како и во МВР, па градоначалникот очекува дека ќе ја добие страницата назад.
„Јас се сомневам во некој или некои на кои им смета работата на Општина Карпош, а очигледно им смета и адреналинскиот парк. Не верувам дека двете работи случајно се совпаднале. Дали на некој му смета паркот бидејќи повеќе сака да гради или се во прашање политички елити, не можам да кажам. Можеби хакирањето е заеднички интерес и на едните и на другите“,
вели Богоев.
Ова не е првпат тој да е цел на хакерски напади. Во период од 6 месеци ова е втор случај односно веќе еднаш му бил хакиран Твитер-налогот кој имал околу 5 000 следбеници. Богоев вели дека Твитер му била добра алатка за комуникација со „твитерџиите“, но тој профил тогаш не успеал да го врати.
По хакирањето, фан-страницата со име „Stefan Bogoev“ доби наслов „Fəcebook Notification Correction Reconfirm“.


Богоев не е единствениот чија страница на Фејсбук доби ново име. Истото се случи и со фан-страницата на општинската организација на Карпош – ОО СДСМ Карпош која во моментов е насловена „Fəcebook Notification Bussiness Manager Reconfirm“, како и онаа на претседателот на СДММ и директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
„Хакирана е мојата официјална Facebook страница (Darko Kaevski). Пријавенo e до надлежните институции и до Facebook. Очекувам враќање во функција на страната во најбрз можен рок“,
објави Каевски од неговиот приватен профил.

