Од денеска во Србија задолжително е носење заштитни маски во превозот на патници, објави Владата на Србија по седницата на Кризниот штаб.
Маските се задолжителни во градскиот и меѓуградскиот превоз, а на патниците кои не носат маски (прекривки на устата и носот) нема да им биде дозволено да влегуваат во превозните средства.
Што се однесува до затворените простори, кризниот штаб им препорача на сите граѓани да носат маски на сите затворени места, посебно во поштите, банките, јавните институции, како и продавниците и трговските центри.
Имунологот и член на Кризниот штаб, Срѓа Јанковиќ за РТС изјави дека состојбата со епидемијата на коронавирус е загрижувачка и дека е потребно малку да се „затегне обрачот“ за да се спречи ширењето на вирусот.
Како важен чекор го спомена носењето маски во затворен простор и во јавниот превоз.
Епидемиологот Предраг Кон, исто така, претходно предупреди на својот Фејсбук профил дека е можно враќање на некои мерки, иако ја исклучи можноста за повторно воведување на вонредна состојба.
Според официјалните податоци, од коронавирус во Србија досега починале 262 лица, заразени се 12 990, а во изминатите неколку дена, на дневна основа регистрирани се речиси стотина нови случаи.
Според истражувањето на БИРН бројот на смртни случаи и на заразени е далеку поголем од она што официјално е соопштувано.