Предметот му е доделен на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) потврди дека веќе го примиле известувањето од МВР за постапувањето на 39 полициски службеници во случаите на пријавено семејно насилство извршено од Стојанче Јовановски врз неговата сопруга Ивана и малолетната ќерка Катја. Предметот е доделен на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања.
„Известувањето за кое покажувате интерес е доставено до ОЈО ГОКК во текот на вчерашниот ден и ќе му биде дадено на постапување на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција“,
велат од ОЈО ГОКК.
Според информациите што денеска ги споделија од Министерството за внатрешни работи (МВР), внатрешната контрола на МВР веќе констатирала дека дури 39 припадници на полицијата погрешно постапиле по претходните пријави за семејно насилство поднесени против обвинетиот Стојанче Јовановски.
Во Основниот кривичен суд Скопје вчера започна судскиот процес против Стојанче Јовановски, кој е обвинет дека ја навел на самоубиство својата сопруга Ивана, која на 2 март почина по пад од балкон со ќеркичката Катја.
Јовановски се товари за три кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
Тој рече дека се чувствува за виновен за првите две кривични дела, но не и за третото дека ја навел сопругата да изврши самоубиство.
Со тоа тој ги призна првите две кривични дела, по што судијата му објасни дека врз основа на признанието ќе му биде изречена пресуда.
Кога одговараше на прашањето за изјаснување за вина, обвинетиот Јовановски почна да плаче и да тврди дека тој не навел никого на самоубиство.
Мајката на починатата Ивана Јовановска пред Основниот кривичен суд Скопје вчера изјави дека ќерка ѝ со години живеела во страв од сопругот Стојанче Јовановски, со видливи модринки, под постојана контрола и со постојана мисла дека ќе ѝ биде одземена ќерката.
