Од МВР велат дека по пријава за сторени две кривични дела, извршиле претреси во дом и во детска градинка каде што работи лицето со иницијали Н.С. Акцијата ја потврдија и од ОЈО Скопје
За разлика од институциите, весникот „Коха“ јавува дека се испитувале три лица поради фалсификување документи и нелегално учество на тендери. Според прелиминарните истраги, наведува медиумот, тие се осомничени дека фалсификувале документација и ја користеле за учество на тендери на државни институции, главно во Општина Чаир
Полицијата во координација со Основното јавно обвинителство Скопје вчера извршила претреси на две локации во главниот град. Акцијата следува по пријава за сторени кривични дела – фалсификување на службена исправа и употреба на исправа со невистинита содржина. Од МВР за „360 степени“ велат дека претресите се извршени во дом на едно лице и во детска градинка каде што работи тоа лице. Во кој дел од Скопје е спроведена акцијата, детали нема.
„Полициски службеници од СВР Скопје на 24.3.2026 година, постапувајќи по пријава за сторени кривични дела по чл. 361 од КЗ – фалсификување на службена исправа и чл. 380 од КЗ – употреба на исправа со невистинита содржина, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје и по обезбедени наредби од Основен кривичен суд Скопје, извршија претреси во дом на Н.С. во Скопје и во простории на детска градинка, каде работи Н.С. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“,
велат од МВР.
Акцијата ја потврдија и од Основното јавно обвинителство Скопје.
„Основното јавно обвинителство Скопје, во координација со МВР, постапува за испитување на сомненија за сторени кривични дела по чл. 361 од КЗ – фалсификување на службена исправа и чл. 380 од КЗ – употреба на исправа со невистинита содржина. Притоа беа обезбедени наредби за претрес од Основниот кривичен суд Скопје и во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси на две локации“,
велат од ОЈО Скопје за „360 степени“.
Претходно денеска, „Коха.мк“ објави дека се испитуваат три лица поради фалсификување документи и нелегално учество на тендери. Според извори на „Коха“, станува збор за лицата со иницијали Б.Г. (39), В.Р. и Н.С.Б., кои се уапсени, а подоцна пуштени на слобода за понатамошна постапка. За време на рациите спроведени во нивните домови, властите заплениле материјали и докази поврзани со истрагата. Според прелиминарните истраги, наведува медиумот, тие се осомничени дека фалсификувале документација и ја користеле за учество на тендери на државни институции, главно во Општина Чаир. Весникот „Коха“ наведува дека еден од осомничените, 39-годишниот Б. Х., работи како раководител на оддел на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe. Тој претходно бил вклучен во тимот на лидер на партија во главниот град.
