Пред преполната сала, семејствата, пријателите и сограѓаните им оддадоа почит на изгубените млади животи, порачувајќи дека раните не само што не се затвораат туку стануваат подлабоки и пострашни

Со солзи, тишина и длабока болка, денеска во Центарот за култура „Бели мугри“ се одржа комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, со кој беше одбележана првата годишнина од страшната трагедија во т.н. кабаре „Пулс“.
Пред преполната сала, семејствата, пријателите и сограѓаните им оддадоа почит на изгубените млади животи, порачувајќи дека раните не само што не се затвораат туку стануваат подлабоки и пострашни.
„Годината што измина само успеа да го соочи Кочани со страшната вистина дека засекогаш ги нема. Не можевме да ги заштитиме од смртта, но можеме да го зачуваме споменот за нив, да споменуваме дека имаме чета ангели на небото, кои се молат за нас, и да се гордееме што ги имавме со нас на земјата како наши чеда, браќа и сестри, роднини, пријатели“,
беше кажано на денешниот комеморативен настан во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.
За време на комеморацијата беше нагласено дека Кочани денес се соочува со суровата вистина за празнината која остана зад прерано згаснатите соништа.
Преполната сала во Кочани беше исполнета со немо сведоштво за неисполнетите животни страници и празнината што ја оставија зад себе идните инженери, фудбалери, лекари, фотографи, музичари, програмери.
„Изгубивме идни инженери, доктори, бизнисмени, наставници, занаетчии, работници, идни мајки и татковци. Изгубивме цела генерација млади луѓе, кои требаше да бидат иднината на нашата држава“,
беше кажано на настанот.
Беше упатен апел за поголема будност и неопходност од следење на доброто, потсетувајќи колку е тенка границата помеѓу животот и смртта.
„Трагедијата што го потресе Кочани е рана за целото наше општество. Таа сите нè направи кревки и ранливи, нè соочи со смртта одблиску и ни покажа колку е тенка границата помеѓу животот и смртта, колку е непредвидлив животот и колку е нужно да се избегнува сето зло на земјата и да се следи доброто, колку сме си важни едни на други и во добро и во зло“,
беше посочено на комеморацијата.
На годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“, Општина Кочани, заедно со Здружението „16 Март 2025 година“ – Кочани, во соработка со Црвниот крст – Кочани, им оддава должна почит на сите што ги загубија животите во страшната трагедија.
„Песната во грло им беше кога заминаа и додека тие со песна беа дочекани горе, нам само тагата ни остана… затоа пејте ни ангели…“,
беше додадено на настанот.
Пред преполната сала во Кочани беа кажани и имињата на сите 63 лица што ги загубија животите: Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Горги Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска-Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и Владимир Блажев.
„Почивајте во мир. Никогаш нема да бидете заборавени и ќе живеете во нашите срца“,
беше пораката испратена на комеморацијата на годишнината од трагедијата во „Пулс”.
Во сеќавањето на настанот кој го потресе Кочани и целата држава рано утрово се одржа собир во спомен на настраданите во трагедијата.
Собирот, организиран од Здружението на граѓани „16 Март 2025“ – Кочани, започна симболично во 2:15 часот пред објектот каде што се наоѓаше т.н. кабаре „Пулс“.
Со свеќи во рацете и со една минута молк, собраните родители и граѓани им оддадоа почит на загинатите во страшниот пожар.
Утрово во Паркот на револуцијата во Кочани беше поставена симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“. Шеесет и три бели столчиња се наредени на отворено, а на нив е ставена по една бела роза за спомен.
Покрај ова беше отворена и книга на жалост во кој се потпишаа присутните граѓани и делегации.
Викендов со различни настани беше одбележана годишнината од трагедијата.
