И покрај тоа што има доволно болнички капацитети, медицинскиот персонал е навистина преморен, рече министерот за здравство
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од вкупниот број позитивни случаи на ковид-19 регистрирани во периодот од 12 до 20 јуни најголем број се од Скопје – 58,3 проценти и од Тетово 14, 2 проценти, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
„Со ова, практично, се докажува тоа дека овие два града и нивната околина се најголемите жаришта во државата. Во другите градови е регистриран драстично помал број на случаи. Од 12 јуни регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, но најзастапена е возрасната група над 60 години – 24,2 проценти. Сепак, има и помлади лица коишто се заболени од 30 до 39 години – 19,4 проценти што укажува на тоа дека никој не е имун на вирусот. Во однос на статистиката на смртни случаи регистрирани се 65 случаи во истиот период од 10 градови. Најголем дел на возраст над 60 години – 83,1 процент, а 58 од овие случаи односно 89 се практично случаи коишто имаат бројни хронични заболувања“,
појасни Филипче.
Од вкупниот број активни случаи на ковид-19, 13 проценти се хоспитализирани, а сите други се на домашно лекување или се асимптоматски. Иако има голем број хоспитализирани пациенти, според министерот, се уште има доволно места во болниците.
Тој рече дека има се уште места во болниците во Битола, Куманово, Прилеп, Гостивар, Охрид, Штип… Од денеска, рече, почнува да се организира и лабараторијата во болницата во Битола, каде што ќе се анализираат сите брисеви земени од територијата на оваа општина, но и од регионот, со што ќе се растоварат капацитетите на Институтот за јавно здравје.
Исто така, во модуларната болница во Скопје има шеесетина слободни места, а болницата „Козле“ е речиси целосно слободна.
„И покрај тоа што има доволно болнички капацитети, медицинскиот персонал е навистина преморен. Ние секојдневно правиме и реаорганизација на работата и ротации на персоналот за да може пациентите да ја добијат соодветната грижа и ова засега добро функционира. Системот можеме да го одржиме, но секако дека не можеме да издржиме без помош од граѓаните и почитувањето на мерките од нивна страна. Затоа повторно апелирам до сите граѓани да се почитуваат мерките за заштита, да се помогне пред се на себеси и на своите најблиски и секако на сите вработени во здравствениот сектор“,
рече Филипче.
