Кочанската апокалипса ни остави длабока рана, предочувајќи ни дека без стандарди, правила и одговорност ниту една дејност не може безбедно да функционира и ништо, ама апсолутно ништо не смее да биде поважно од правото на живот, тоа им го должиме на починатите, на преживеаните, но и на сите граѓани, порача претседателката Сиљановска-Давкова
Сите се најдовме пред огледалото на совеста и одговорноста – трагедијата во Кочани беше момент на национален шок, длабока човечка болка, ерупција на сочувство и солидарност, но и момент на политичка и општествена катарза, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на завршната сесија на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“.
Според неа, здравствениот одговор на вакви настани не е само медицинско прашање, туку и политичко, финансиско, етичко и морално, како и дека соодветниот одговор зависи од демократскиот капацитет и одговорноста.
„Вистинската мерка на една држава не се гледа во моментите на стабилност, туку во начинот на кој се соочува со своите кризи. Демократските системи се поотпорни на кризи и полесно се справуваат со нив. Кризата е лакмус за демократијата оти се проверуваат и институциите и професионалната етика и човечката солидарност“,
рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката посочи и дека била донесена вистинска политичка и медицинска одлука кога државата решила да побара помош однадвор.
„Брзо воспоставената и интензивна координација меѓу македонските институции и здравствениот систем и меѓународните партнери овозможија спасување на многу млади животи. Ме восхитија хуманоста и солидарноста на нашите соседи, брзината на активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита, но и солидарноста на сиот свет“,
додаде претседателката.

Таа потсети и на правилото „подобро е да се превенира отколку да се лекува“ и во таа насока нагласи дека е важно што веќе има системски мерки како усвојување на Национален план за справување со масовни жртви, воспоставување нови медицински протоколи и зајакнување на институционалната координација во кризни ситуации.
„Тие се доказ дека македонскиот здравствен систем и државата целат трагичното искуство да го претворат во поголема подготвеност, подобра организација и поефикасен одговор на идни предизвици, кога секоја минута и преземен чекор може да спаси еден живот“,
додаде таа.
Според претседателкатa, ништо нема да ја намали болката на семејствата што ги загубија своите најмили или се соочуваат со последиците од трагедијата, но, како што рече, мора да направиме сè за ваквите трагедии никогаш веќе да не ни се повторат.
„Кочанската апокалипса ни остави длабока рана, предочувајќи ни дека без стандарди, правила и одговорност, ниту една дејност не може безбедно да функционира и ништо, ама апсолутно ништо не смее да биде поважно од правото на живот, тоа им го должиме на починатите, на преживеаните, но и на сите граѓани“,
посочи Сиљановска-Давкова.
