Министерката за енергетика Сања Божиновска очекува трговците да бидат одговорни во овие моменти на криза и дека ќе ја искористат придобивката што ја нуди оваа компанија
Компанијата ОКТА донесе одлука, со која, почнувајќи од денеска до крајот на март, за два денари по литар ги намалува цените на дизелот и бензините за трговците што набавуваат горива од компанијата овозможувајќи им на тој начин на трговците на големо и мало оваа придобивка да ја рефлектираат во крајните цени за потрошувачите.

Главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, соопштувајќи ја одлуката, рече дека останува на трговците на големо и мало самостојно да ги утврдат продажните цени во согласност со своите комерцијални политики и пазарни услови.
„Зајакнувањето на снабдувањето преку продуктоводот ‘Вардакс‘ игра значајна улога во обезбедувањето стабилност и континуитет во снабдувањето со горива низ целата земја. Компанијата, како општествено одговорна, која работи со снабдување со енергенти, е посветена на тоа ваквото зајакнато снабдување да го преточи во материјални опипливи придобивки за крајните потрошувачи. Од тие причини, од денеска до крајот на март воведуваме попуст од два денари за литар дизел и бензин за оние големопродажни и малопродажни трговци што ги набавуваат горивата кај нас“,
вели Пасхос.
Посочи дека имаат задолжителни резерви, како и дополнителни резерви. Проценките на компанијата се дека со ваквиот чекор таа дава вкупен придонес во поддршка на пазарот во износ од речиси два милиони евра.
Министерката за енергетика Сања Божиновска очекува трговците да бидат одговорни во овие моменти на криза и дека ќе ја искористат придобивката што ја нуди ОКТА.
„Се надевам дека сите ќе бидат општествено одговорни и ќе постапат во интерес на граѓаните“,
рече таа.
Според неа, иницијативите, како што е оваа на ОКТА, кои овозможуваат зајакнато снабдување и истовремено го претвораат во директна поддршка за потрошувачите, се особено важни бидејќи помагаат да се намали притисокот врз домаќинствата и бизнисите, истовремено одржувајќи ја стабилноста на домашниот пазар на нафтени деривати.
Коментирајќи ги актуелните случувања на Блискиот Исток, кои создадоа зголемување на цените на глобалните енергетски пазари, таа рече и дека снабдувањето со горива во Македонија е стабилно, а компаниите располагаат со обезбедени резерви.
„Во услови кога целиот регион и свет се соочува со ценовен притисок, снабдувањето со горива во Македонија е стабилно. Дополнително, снабдувањето е зајакнато преку продуктоводот ‘Вардакс‘. Владата внимателно ја следи состојбата. Доколку глобалните ценовни притисоци продолжат, подготвени сме да ги искористиме сите механизми што ни стојат на располагање, со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните“,
вели министерката.
Смета дека граѓаните не се оштетени од начинот на која Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја пресметува цената на нафтените деривати, односно поради преминот кон неделно менување на цените на енергенсите.
РКЕ, како и другите институции, вели дека работат во интерес на граѓаните, а не во интерес на компаниите да остваруваат екстра профити.
Како што посочи, РКЕ ги формира максималните цени, а компаниите можат да продаваат и под одредените максимални цени.
И покрај зголемувањето на дизелот за 14,5 денари, посочи дека Македонија има најевтини горива во регионот, што значи кај нас со зголемувањето е 1,39 евра, во Бугарија литар дизел е 1,41 евра, во Словенија 1,528, во Грција е 1,59, во Албанија е 1,89, а во Црна Гора е 1,5 евра.
