Најави дека компанијата „Окта“ донела одлука, со која почнувајќи од денеска до крајот на март се обезбедува попуст од 2,4 денари на килограм или два денари по литар за дизел и бензините за трговците што набавуваат горива од компанијата
Снабдувањето со горива во Македонија е стабилно, а компаниите располагаат со обезбедени резерви. Ова денеска го соопшти министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на заедничката прес-конференција со главниот извршен директор на „Окта“ АД Скопје, Димитрис Пасхос, коментирајќи ги актуелните случувања на Блискиот Исток кои, како што рече, создадоа зголемување на цените на глобалните енергетски пазари.

„Во услови кога целиот регион и свет се соочува со ценовен притисок, снабдувањето со горива во Македонија е стабилно. Дополнително, снабдувањето е зајакнато преку продуктоводот ‘Вардакс‘. Владата внимателно ја следи состојбата. Доколку глобалните ценовни притисоци продолжат, подготвени сме да ги искористиме сите механизми што ни стојат на располагање, со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните“,
рече таа.
Најави дека компанијата „Окта“ донела одлука, со која почнувајќи од денеска до крајот на март се обезбедува попуст од 2,4 денари на килограм или два денари по литар за дизел и бензините за трговците што набавуваат горива од компанијата.
„Овој потег доаѓа по зголемените количини гориво, кои се обезбедени преку продуктоводот ‘Вардакс‘ и дополнително го зајакнува снабдувањето на нашата држава“,
вели Божиновска.
Посочи дека согласно Правилникот за нивото и начинот на пресметка на оперативни резерви, трговецот на големо во секое време треба да има оперативни резерви од нафтени деривати и горива за транспорт за покривање на петдневен просечен обем на трговија за секој нафтен дериват поединечно, остварен од претходната календарска година.
Додаде дека пазарната инспекција направила повеќе од 300 контроли, при што е утврдено дека сите ги имаат овие петдневни оперативни резерви, согласно Правилникот.
На состанок со премиерот, министерката за финансии и со нафтените компании, како што вели, сите се изјасниле дека имаат нафта, односно дека нема недостиг на нафта.
Божиновска смета дека граѓаните не се оштетени од начинот на која Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја пресметува цената на нафтените деривати, односно поради преминот кон неделно менување на цените на енергенсите.
Според неа, РКЕ, како и другите институции работат во интерес на граѓаните, а не во интерес на компаниите да остваруваат екстра профити.
„Цените на дериватите ги одредува Регулаторната комисија за енергетика и ние како министерство не се мешаме“,
рече таа одговарајќи на новинарско прашање дали со преминот од секојдневно на неделно одредување на цените на дериватите, граѓаните се оштетени на сметка на компаниите од нафтениот бизнис.
Како што посочи, РКЕ ги формира максималните цени, а компаниите можат да продаваат и под одредените максимални цени.
Според неа, и покрај зголемувањето на дизелот за 14,5 денари, Македонија има најевтини горива во регионот, што значи кај нас со зголемувањето е 1,39 евра, во Бугарија литар дизел е 1,41 евра, во Словенија 1,528, во Грција е 1,59, во Албанија е 1,89, а во Црна Гора е 1,5 евра.
