Како што информираше денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани што изразиле подготвеност за враќање

На Меѓународниот аеродром Скопје пристигна авионот од Дубаи со првата група евакуирани македонски државјани. Патниците ги пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Со овој организиран лет од Обединетите Арапски Емирати почна евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток, која ќе се реализира со комерцијални чартер-летови.
Со летот пристигнаа вкупно 151 патник. Повеќето се македонски државјани, еден е од Црна Гора, еден од Босна и Херцеговина, еден од Србија, двајца од Косово, а четворица се со холандско државјанство.
„Клучна и најбитна е безбедноста на граѓаните и тука не смееме да правиме компромис. Мојата цел е до крајот на оваа недела сите наши граѓани што побарале евакуација да бидат во државава“,
изјави министерот Муцунски.
Како што информира денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање. Процесот е целосно координиран од Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва во регионот.
Според премиерот Христијан Мицкоски, организирани се чартер летови од Саудиска Арабија кои ќе ги прифатат македонските граѓани во Катар и Кувајт. Се очекува тие да пристигнат во среда.
„Деновиве се организирани вкупно четири чартер летови, со неколку десетици слободни места. Дел од државите во регионот замолија да пренесеме и нивни граѓани, да ги донесеме во Македонија“,
изјави денеска Мицкоски.
Последните податоци покажуваат дека амбасадата во Доха ја контактирале 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Амбасадата во Абу Даби ја контактирале вкупно 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и пет од Саудиска Арабија.
МНР уште еднаш ги повикува сите македонски државјани што сè уште не стапиле во контакт со надлежните дипломатско-конзуларни претставништва, а имаат потреба од евакуација или асистенција, тоа да го сторат во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви на дипломатско-конзуларните претставништва или преку СОС-бројот на Министерството.
