Мекици во Охрид, свадба во Скопје, слава во Ресен, ифтарски вечери и погреби …
Вака вчера директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), Иринка Сотирова-Бухова ги именуваше кластерите од кои произлегоа добар дел од новозаразените со ковид-19.
Организирањето на семејни прослави во време на пандемија предизвикува револт и кај дел од јавноста, но дали за тоа некој ќе понесе и одговорност за ширење на заразата?
За случаите кои се актуелни деновиве, конкретна одговорност и поведување постапка против некого засега нема. Но, од обвинителството велат дека постапуваат според информациите со кои располагаат или очекуваат податоци.
Конкретно за кластерот во Охрид велат оттаму, веќе е отворен предмет и по него се постапува. Обвинителството дало насоки за постапување до институциите, меѓу кои и СВР Охрид и ДЗСИ, кои треба да приберат докази и да ги достават до надлежен обвинител за да се документира случајот.
Во врска со кластерите во Скопје, меѓу кои е и свадбата во Нерези, обвинителството чека основни податоци од МВР во насока кога и каде се организирал настанот и колку лица биле присутни.
На мекиците, свадбата, славата, ифтарските вечери и погребите, според информациите кои ги соопштија вчера од ДЗСИ, присуствувале од 50 до 150, па и 200 луѓе.
„На пример, кај кластерот свадба – Скопје имаме 14 заразени и, замислете, ниту еден контакт, кај кластерот мекици – Охрид има 21 заразен и 200 контакти, куќна слава – Ресен има 31 позитивен и над 70 контакти. За жал, имавме и погреби со голем број присутни, а според протоколите не смеат да присуствуваат повеќе од 5 лица“,
рече Бухова на вчерашната прес-конференцијата.
Друг тип кластери кои се „виновни“ за зголемениот број заболени се и семејните кластери, односно од 2 до 20 лица со исто презиме, односно од исто семејство.
Бухова вчера рече и дека е разочарана од МВР бидејќи не ги забележало големите собири и не реагирало.
Министерот Наќе Чулев, пак, денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека полицијата не може да влегува во приватни објекти без налог од обвинителството кој некогаш го добиваат, некогаш не. Но, рече, препознавање на лицата се врши и отпосле.
Денеска здравствените власти регистрираа 156 новозаразени лица. Од нив, најмногу во Скопје – 100, понатаму во Тетово – 19, Куманово – 11, во Штип 6, Велес – 6, Кочани – 3, Струга – 2 и по еден во Дебар, Прилеп, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Гевгелија, Кратово и Свети Николе.
Во моментов најмногу активни има во Скопје 1 593 од кои над 300 се во Чаир. Во Тетово има 304 активни случаи, Куманово 230, Штип 208, Охрид 72, Струга 70, Гостивар 53, Ресен 47, Велес 34, Кочани 26, Прилеп 17, Дебар 11, Свети Николе 10, Битола 9, Пробиштип 9, Неготино 8, Струмица 7, Гевгелија 5 Кавадарци 4, Крива Паланка 4, Кратово 3, Валандово 3, Крушево 2, Пехчево 2, Кичево 2, Македонски Брод 1 и Берово 1.