Филипче потсети дека техничката влада е воведена поради аномалии во рамки на функционирањето на државата кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ
Според него, СДСМ е спремен за избори кога и да се случат. Посочи дека е сигурен оти ќе има предвремени избори
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конвенција порача дека укинувањето на техничката влада може да се случи тогаш кога македонското општество ќе биде зрело и подготвено според европските стандарди.

„Укинувањето на техничката влада треба да се случи тогаш кога нашето општество ќе биде зрело за тоа. Слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не се прашања за политички пазар. Затоа неопходни се реформи по европски стандарди, особено во делот на правосудството“,
кажа тој.
Посочи дека реформите мора целосно да се спроведат и реално да функционираат во институциите, согласно препораките на Европската Унија и оценската комисија.
„И кога ќе бидат донесени сите реформски закони онака како што треба, според препораките на оценската комисија, на луѓе експерти од Европската Унија, кога сите тие реформи, закони не само што ќе се донесат, туку и ќе почнат да се користат, ќе бидат вистински имплементирани во судството, во обвинителството, во полицијата, во делот на правдата“,
рече Филипче.
Токму тоа, според него, е моментот кога државата ќе биде подготвена за укинување на техничката влада.
„Ете, тоа е моментот кога ние како држава ќе бидеме подготвени да се укине техничката влада. И тоа е клучно. Затоа СДСМ ќе ги поддржи само реформите што оваа земја ја носат на ниво на европските стандарди. ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат. Нивната соработка на сите нас ни е многу добро позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Ние не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“,
вели лидерот на опозицискиот СДСМ.
Филипче потсети дека техничката влада е воведена поради аномалии во рамки на функционирањето на државата кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.
„Парламентарни избори после времето на Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ не организирала после 2016 година. Тогаш беа окупирани институциите. И сега тие се максимално партизирани. Полицијата се користеше како репресивен елемент за изборите, а истото се случува и сега. Имаме сериозни забелешки за полицијата за овие локални избори кои поминаа минатата година. Не е случајно што тогаш се воведе како техничка влада во присуство на Европа и САД како наши стратешки партнери за да се овозможи фер изборен циклус. Со истиот начин на владеење како до 2016 година и сега се соочуваме. Нема услови за укинување на техничката влада поради сите овие работи“,
кажа Филипче.
Според него, СДСМ е спремен за избори кога и да се случат. Посочи дека е сигурен оти ќе има предвремени избори.
„Ние сме подготвени да настапиме на избори кога и да се случат. Работа на премиерот е да каже што мисли. Но, СДСМ е спремен за изборен циклус кој може да следи годинава, следната, па да бидат и редовни избори во 2028 година. Јас сум прилично сигурен дека врз основа на тоа како се води државата, дека ќе има предвремени избори, дали годинава, напролет, наесен или на крај на годината“,
додаде тој.
СДСМ, како што рече, ќе учествува во техничката влада доколку има предвремени избори и ако остане техничката влада.
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со лидерите на политичките партии рече дека постигнале согласност за укинување на техничката влада.
„За техничката влада, генерално, сите се согласивме дека треба да замине во минатото. Имаше предлог од еден од лидерите да се консултира меѓународниот фактор. Од една страна сакаме да биде дел од европското семејство, од друга страна сакаме да имаме техничка влада. Во ред, еве нека има техничка влада и на наредни избори како што сака СДСМ, но од тие натаму да нема“,
рече Мицкоски.
На денешната лидерска средба во Клубот на пратеници, која се одржа на иницијатива на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, присуствуваа и генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев; градоначалникот на Тетово, Билал Касами, од коалицијата ВЛЕН; како и лидерите на Левица и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој го одби повикот на Мицкоски, не дојде на средбата.
