Против сторителите на, како што вели, неправдата кон него, поднел кривична пријава за злоупотреба на институциите, од кои очекува да постапат, а сторителите да одговараат
Поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање (АР) и ексминистер за внатрешни работи, Наќе Чулев, денеска соопшти дека по долги судски спорови добил пресуда со која било потврдено оти незаконски му бил одземен безбедносниот сертификат, како и дека незаконски бил отпуштен од работа.

Тој, во објавата на неговиот фејсбук-профил, вели дека со години бил цел на организирана кампања на дезинформации и политички прогон од претходната власта.
Во таа насока, Чулев наведува дека и одземањето на безбедносниот сертификат и отпуштањето од работа биле резултат на неправична и политички мотивирана конструкција. Против сторителите на, како што вели, неправдата кон него, поднел кривична пријава за злоупотреба на институциите, од кои очекува да постапат, а сторителите да одговараат.
„Денес ви се обраќам не само како Наќе Чулев, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање и министер за внатрешни работи, туку пред сè како човек и родител кој помина низ години понижување, клевети и неправда“,
вели тој на почетокот на објавата.
Според него, тоа биле години на јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи насочени против него, а поради кои и неговото семејство било изложено на силен притисок.
„Човек кој речиси 25 години чесно служел во безбедноста на државата и соработувал со меѓународни партнери, одеднаш беше прогласен за ‘безбедносен ризик’ – не поради дело, туку поради политичка одлука и затоа што јавно зборував за корупцијата и аномалиите во системот. Ќе бидам искрен – тоа беше период кога човек лесно може да се скрши.
Неправедни обвинувања, закани и нехумани притисоци, рушење на угледот и болката кога твоите деца трпат за нешто за што не се виновни, се исклучително тешки. Но, правдата, колку и да е бавна, со вера и истрајност, сепак доаѓа“,
вели тој во објавата.
За негово обраќање до јавноста наведува дека не го пишува заради освета, ниту за саморекламирање, туку за, како што вели, вистината да биде јавно запишана и да се знае дека човек може да биде понижен, но не мора да биде скршен.
„Дека може незаконски да му се одземе работната позиција, но не и достоинството, искуството и знаењето; и дека вистината, иако привремено сокриена, секогаш излегува на виделина“,
додава тој.
Ова, како што наведува при самиот крај, не е само негова приказна. Многу луѓе, додава тој, и денес водат битки по судовите за да ја докажат својата невиност и да ги вратат честа и професионалниот интегритет.
Тоа, според него, е симптом на поширок проблем – политички прогон и злоупотреба на институциите кои ја разоруваат довербата во државата и ги уништуваат семејствата.
„Јавно им благодарам на моето семејство, на пријателите, сограѓаните и меѓународните партнери кои не поверуваа во лагите, како и на сите кои ме поддржаа – јавно или тивко, тогаш кога беше најтешко“,
пишува Чулев.
Чулев, кој изминатите години се појавуваше во јавноста на настани и на прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ, кон крајот на јули 2022 година, исто така, во објава на Фејсбук, соопшти дека по 25 години поминати во служба, е отпуштен од работното месо како разузнавач и дека веќе не е дел од безбедносниот систем на државата.
За ваквата околност, тој ја обвини тогашната владејачката гарнитура предводена од СДСМ, која ја нарече „хрибриден режим“ кој „со сета сила ја уништува државата, удира по професионалците, се обидува да ги демотивира патриотите и ги партизира институциите.
Истиот ден (26 јули 2022 г.) од Агенцијата за разузнавање одговорија дека Чулев нема добиено отказ од Агенцијата, туку дека од 8 јуни 2022 е суспендиран од работа.
„Причина за суспензија е добиеното решение од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации со кое се регулира материја поврзана со безбедносниот сертификат. До овој момент Наќе Чулев нема добиено отказ од Агенцијата. Со ова Агенцијата за разузнавање констатира дека Наќе Чулев манипулира со јавноста“,
одговорија тогаш од Агенцијата за разузнавање.
Инаку, Наќе Чулев беше директор на Агенцијата за разузнавање од 2013 до 2017 година, а од 2017 до 2019 година ја извршуваше функцијата генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање.
Во јануари 2020 година на предлог на ВМРО-ДПМНЕ беше избран за министер за внатрешни работи во техничката влада пред парламентарните избори што се одржаа летото истата година.
