На крајот од својот статус, Чулев нагласи и дека тој и натаму ќе ја сака државата и „професионално ќе придонесува за нејзиниот напредок“
Хибридниот режим предводен од СДСМ со сета сила ја уништува државата, удира по професионалците, се обидува да ги демотивира патриотите и ги партизира институциите. По повеќе од 25 години поминати во служба на татковината и граѓаните на Македонија, не по моја вина, на мое жалење повеќе не сум дел од безбедносниот систем, напиша на Фејсбук поранешниот технички министер за надворешни работи Наќе Чулев, информирајќи ја јавноста дека е отпуштен од работното место како разузнавач и дека повеќе не е дел од безбедносниот систем на државата.
Чулев во своето обраќање на социјалните мрежи напиша дека тој е професионалец кој етапно ја градел кариерата, обвинувајќи ја притоа власта дека „ги ослабнува капацитетите на државата и ја доведува во подредена положба“.
„Јас сум човек – професионалец кој својата кариера ја градел чекор по чекор, почнувајќи од најниското скалило во службата. Сите овие години бев во првите редови на одбраната на уставниот поредок, територијалниот суверенитет и интегритет и безбедноста и интересите на Македонија. Ја сакам државата и придонесував за неа. Учествував и во многу операции за поддршка на меѓународната безбедност за што имам добиено награди и признанија како од неколку поранешни директори на матичната институција и претседателот на државата, така и од меѓународни партнери. Тоа што за сите нас е патриотизам и љубов кон татковината, оваа предавничка власт сега го стигматизира како македонски екстремизам и радикализам, а македонските патриоти, преку креирање на перфиден систем на лажни и фабрикувани информации континуирано ги елиминира од безбедносниот систем. На тој начин, смислено и со план ги ослабнуваат капацитетите на државата и ја доведуваат во подредена положба“,
напиша Чулев.
На крајот од својот статус, Чулев нагласи и дека тој и натаму ќе ја сака државата и „професионално ќе придонесува за нејзиниот напредок“.
„Во изминатиот период во неколку наврати испратив јасна порака и денес повторно и недвосмислено повторно го правам тоа. Политичкиот прогон, сите притисоци, закани и уцени кон мене и другите припадници на безбедносната заедница нема да вродат со плод. Ние и понатаму ќе бидеме со полн капацитет во одбрана на Македонија и македонските интереси, а сите оние кои постапуваат незаконски ќе одговараат за тоа пред надлежните институции. Јас и понатаму ќе бидат истиот Наќе Чулев – човекот кој неизмерно ја сака својата држава и професионално ќе придонесува за нејзиниот напредок и развој“,
се додава во Фејсбук статусот на Чулев.