Од партијата на Али Ахмети велат дека се на страната на студентите и дека нивните барања за полагање на правосудниот испит на албански јазик се согласно Уставот и Законот за употреба на јазиците
Законот и Уставот не се предмет на компромис. На студентите не им се потребни компромиси што им ги загрозуваат правата. Тие имаат потреба од почитување на законот – реагираат од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) по средбата на министерот за правда Јетон Шасивари со претставници на правните факултети и студентите, на која се отвори прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик.

По средбата, Шасивари рече дека законското решение ќе се носи во консултација со студентите.
„Предлогот на министерот за правда е скандалозен. Наместо да бара доследна примена на законот и почитување на Уставот, тој им вели на студентите: ‘Ајде да се договориме да го прекршиме Законот за употреба на јазиците, да го прекршиме Уставот и испитот да се полага делумно на албански, а делумно на македонски јазик’. Овој став е во директна спротивност со она што самиот министер го изјави пред само неколку месеци. Сепак, штом стапи на функција, тој го извади предлогот на Каракамишева од фиока и сега го брани со фанатизам – токму пред студентите чии права вчера ги признаваше, а сега се обидува да им ги ускрати“,
коментираат од ДУИ.
Оттаму велат дека се на страната на студентите и дека нивните барања за полагање на правосудниот испит на албански јазик се согласно Уставот и Законот за употреба на јазиците.
„Ова деградирање на положбата на Албанците поприма загрижувачки размери. Овој скандал мора да биде осуден од сите, без оглед на политичката припадност. Законот мора да се почитува – а не да се преговара за него на штета на правата на Албанците“,
додаваат од ДУИ.
