ВМРО-ДПМНЕ постави два услови од кои ќе зависи датумот за избори: да се воспостават подобри здравствени протоколи на денот на гласањето и да се обезбеди мониторинг мисија на ОБСЕ, порача на прес-конференција Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека штом дојдат набљудувачите следниот ден треба да се почне со кампања и така да се дојде до изборниот датум, посочувајќи го 15 јули како прифатлива опција за опозицијата.
„Доколку се исполнат условите за востановена набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР и воведување сериозни здравствени протоколи за денот на гласање, ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите на 15 јули и ќе биде победничка партија. Ние како сериозна партија одржуваме линкови за комуникација со сите партии, во овој случај ние ги кажавме нашите ставови и очекуваме СДСМ да ја преземе одговорноста и да се обрати до нас и да не извести дали прифаќаат фер демократски меѓународно признати легитимни избори со намален здравствен ризик и добри протоколи и да се соочиме пред народот на 15 јули“,
порача Милошоски.
На прашањето што се подразбира под условот „подобри здравствени протоколи“, Милошоски ја посочи инфраструктурата во одредени гласачки места каде што, како што рече, нема услови за почитување на мерките за заштита од вирусот.
„СДСМ треба да ги испочитува членовите и надлежностите на ДИК. Таа најдобро знае во какви канцеларии и помали месни заедници се гласало досега. За жал, во некои од тие места нема ниту простор за членовите на избирачкиот одбор, камоли за набљудувачи. Треба да се седне со ДИК и Комисијата за заразни болести која ја предводи д-р Караџовски – да не политизира премногу, и да се обезбедат услови за пристојно гласање со намален здравствен ризик за секого“,
рече Милошоски.
Инаку, за барањата на опозицијата, раководството на СДСМ вчера имало состанок, кој ќе продолжи и денеска, па во текот на денот треба да излезе со став за изборниот процес, најави техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Тој немаше конкретен одговор на прашањето дали се приближуваат кон компромис околу датумот за избори, но посочи дека доколку нема договор помеѓу партиите тогаш датумот за избори останува 5 јули.
