Според лидерот на СДСМ, исполнети се сите законски услови за избори на 5 јули, а првите луѓе на ДИК треба да понесат одговорност ако не ги почитуваат законските прописи
Ние не сакаме избори без опозиција, но ако Христијан Мицкоски се одлучи на тоа, ние ќе покажеме што можеме да направиме во еден мандат без саботажи, порача на фејсбук лидерот на СДСМ Зоран Заев, откако опозицискиот лидер се закани со бојкот на избори на 5 или на 8 јули и предложи изборите да бидат на средината на следниот месец, под посебни услови, откако претседателот ќе ја продолжи вонредната состојба.
Според Заев, исполнети се сите законси услови за избори на 5 јули, а првите луѓе на ДИК треба да понесат одговорност ако не ги почитуваат законските прописи.
„Сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети. ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и Устав се на 5 јули. За непостапување по законите следува одговорност. Нема да дозволиме Мицкоски да ја втурне земјата во институционална криза, без Собрание и политичка Влада, нема да дозволиме да биде загрозена безбедноста, сигурноста и здравјето на граѓаните“.
напиша Заев.
Заев посочува дека цели три години власта се соочува со опструкции од ВМРО-ДПМНЕ.
„Цели три години ВМРО-ДПМНЕ правеше опструкции, кочници, бојкоти. ВМРО-ДПМНЕ бараше предвремени избори, дадовме предвремени избори. Од декември наваму измислуваат изговори само да ги одложат, затоа што знаат дека граѓаните ќе ги казнат, знаат дека ќе загубат.Нема веќе бегање, нема одложување. Доста е! Стравот од пораз на изборите не смее да биде причина на било која партија да бојкотира избори или да бара нивно одложување и со тоа да ги става во опасност и народот и државата“,
напиша Заев.