Опозицискиот лидер го повика Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба, затоа што ВМРО-ДПМНЕ има два услови: нови здравствени протоколи и доаѓање на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР
Средината на јули е првиот можен термин за избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција, по што посочи дека парламентарните избори би можеле да се одржат на 15 јули (среда).
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде дел од избори на 5 или на 8 јули. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ постави нови услови за одржување на изборите. Според него, треба да се изготват нови здравствени протоколи за безбедно гласање, а кампањата да почне ден по доаѓањето на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
И покрај најавите дека мисијата на ОБСЕ/ОДИХР доаѓа на 19 јуни во земјава, така што во таков случај би бил исполент „условот“ за избори на 8 јули, Мицкоски рече дека станува збор за оценувачи, а не за набљудувачи.
„Многу ми е непријатно да лицитирам со датуми за избори, во ситуација кога се огромни бројките на заболени во земјава. Но ако се следат лицитациите на Заев, кој прво бараше избори на 7, па на 14 јули, денеска требаше да имаме избори, а вчера беше најцрниот ден од почетокот на кризата со коронавирусот во земјава. Заев потоа бараше избори на 21 јуни, па на 5 јули, па на 8 јули, а ако продолжат вака да тактизираат ќе ја испуштиме и можноста за избори на 15 јули“,
рече Мицкоски.
Тој го повика претседателот Стево Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба, затоа што, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ има два услови : здравствените протоколи и доаѓањето на меѓународните набљудувачи.
Мицкоски исто така тврди дека членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ се соочуваат со континуирани притисоци.