Советничката во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Снежана Петровиќ-Арсовска, вели дека се прават компаративни анализи од искуства на развиени држави. Некои од моделите се праг на толеранција до 3, 4 или 5 километри на час над дозволената брзина на движење или пак воведување на толеранција во форма на процент од ограничувањето. Сепак, додава таа, не е донесена конечна одлука. Ако се воведе прагот на толеранција, причината ќе биде маргината на грешка која ја имаат и камерите и брзинометрите на возилата
На прашањето, зошто покрај записниците по порака не стигнува и фотографски запис од сторениот прекршок како што предвидува и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Петровиќ-Арсовска потсетува дека ситемот е во почетна тест фаза. Во подоцнежните фази ќе почнат да стигаат и визуелниот доказ за прекршокот
Како системот ќе казнува жолто светло, нерпрописно паркирање или застанување, дали некои камери можат да евидентираат само одреден тип на прекршоци – одговорите погледнете ги во видеото или прочитајте ги во текстот подолу
Во продолжение транскрипт од целосното интервју со Снежана Петровиќ-Арсовска:
360 степени: Денеска е четврти ден од пробниот период на автоматско казнување преку системот „Safe City“. Ако во првиот ден имаше некаде над 100.000 прекршоци, сега забележувате некакви различни трендови?
Снежана Петровиќ-Арсовска: Прашањето за тренд е прашање кое што е мошне актуелно овие денови и тоа е за разбирање, бидејќи овој проект беше долго најавуван и стручната јавност и граѓаните, и ние во МВР, очекувањата наши беа да видиме што ќе се случува со вкупниот број на сообраќајни прекршоци во овој период кога е активиран единствениот електронски систем, и што ќе се случува со сообраќајните прекршоци поединечно – во однос на пречекорување на брзината, поминување на црвено, непрописно паркирање или возење со возило за кое што не е продолжена важноста на сообраќајната дозвола. Во понеделникот Министерот за внатрешни работи излезе со официјалните податоци и ќе се согласите дека тие бројки беа фрапантни за сите. И повеќе од очекувањата. Ако не се лажам, веќе во текот на вторник и на вчерашниот ден излегоа и други податоци. Меѓутоа, заклучокот мора да биде дека временскиот период е премногу краток за да се носат сериозни заклучоци каков е трендот. Бројките говорат за опаѓање. Меѓутоа, јас би сакала ова прашање да го поставам малку од поинаков агол. Јас како граѓанин пред сè се прашувам – која е мојата перцепција овие денови? Која е вашата перцепција? Која е перцепцијата на сите учесници во сообраќајот, на сите граѓани, а пред сè на оние што се учесници во сообраќајот и управуваат со возила? Мислам дека неспорно можеме да заклучиме – се забележува смирување на сообраќајот. Се забележува перцепцијата дека нервозата секојдневна, која што беше присутна посебно во оној период во утринските часови на одење кон работа и враќање од работа, навистина сообраќајот е смирен. Немате такви возила кои што се обидуваат со зголемување на брзината да се уфрлат, така викаме, во лентата пред крстосниците. Немате возење веќе така лудо по булеварите и навистина со задоволство, освен што сме сведоци на одредени предизвици со кои што се соочуваат граѓаните, добронамерни критики кои што ги разгледуваме и ги поздравуваме (и сите поединечно ги разгледуваме), не можеме да не заклучиме дека е значителен број на задоволството кое што веќе се приметува за сообраќајот во Скопје. Дека почнува да заличува на градови за кои што со задоволство кога сме возеле таму сме констатирале како е тоа смирено, нема нервози и како постои почитување на сообраќајните правила.
360 степени: Госпоѓа Петровиќ-Арсовска, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидува дека сторителите на прекршочно дело, сопствениците на возилата, освен записник ќе добиваат и фотографија од прекршокот. Но, во моментов не ги добиваат. Зошто?
Снежана Петровиќ-Арсовска: Ако ми дозволите само да појаснам. Во рамките на севкупната реформа, сега се предвидува (и веќе тоа граѓаните го констатираат, оние барем што ја добиле опомената), дека образецот е единствен. За разлика од порано кога имавме посебно записник, посебно прекршочен платен налог, сега е тоа единствен образец на записник со прекршочен платен налог. Истовремено, согласно регулативата која што некоја е веќе донесена, некоја е во процес на донесување, е утврдено дека граѓанинот кој што добива соодветно известување преку текстуална порака на својот мобилен телефон или на својата електронска адреса, треба да добие линк. И со кликнување на линкот го отвара записникот со прекршочен платен налог и во прилог треба да има фото-запис. Тој фото-запис треба да содржи и да е видливо возилото со кое е сторен прекршокот, правните обележја на прекршокот, регистарската табличка и доколку техничкиот уред го фотографирал лицето – да биде и фотографијата на лицето. Бидејќи се наоѓаме во „тест период“ и свесни бевме и за очекување кога вие прв пат тестирате одреден технички уред, еден таков комплексен систем, треба да се провери прецизно дали вашите технички барања и барањата на законите (регулативата) одговара на фактичката состојба. Дали се прецизни тие мерења, дали има отстапувања и да ја видиме големата слика. Токму во тој контекст оценивме дека во почетниот период нема да се доставува и фото-записот, меѓутоа понатаму ќе следи и тоа и секако ќе го добиваат. Меѓутоа, не сакавме да се доведеме во ситуација при евентуални недостатоци, отстапки и слично, поради на пример човечки фактор… Ние мора да се согласиме дека година наназад апелиравме секој граѓанин кога го регистрира своето возило да гарантира да даде точни податоци за својот мобилен телефон и за својата електронска адреса. Можеби не сакајќи, од небрежност е направена пермутација на бројка или погрешен број даден, и не сакавме да се доведеме во ситуација премногу да ги изложиме граѓаните да се доставуваат можеби по грешка нечии туѓи податоци и ценивме во оваа фаза тоа да не биде предмет на доставување, но не значи дека во следната фаза…истите ќе бидат дистрибуирани.
360 степени: Наголемиот дел од реакциите на граѓаните е дека можеби треба да има некаква толеранција, бидејќи, условно кажано, се „ловени“ возилата и со 1, 2, 3 километри побрзо возење од дозволените 50 километри на час. Па, во таа насока, дали ќе има некаква толеранција во системот? Дали има некакви можни решенија за таа толеранција, бидејќи, нели, не секогаш и брзинометарот може да го темпирате егзактно на 50?
Снежана Петровиќ-Арсовска: Драго ми е што го поставивте ова прашање, мислам дека ако би рангирале кое прашање беше најактуелно во овој период, ова може да го заземе неспорно првото место – прагот на толеранција. Затоа што имаше реакции од граѓаните дека добивале опомени со 52 километри на час и слично. Работната група која што работи на имплементација на овој проект, како луѓе од експерти во легислативата, луѓе од експерти од областа на техниката и слично, кога целиот процес беше во фаза на визионерство, на пропишување на одредби, на предвидување како тоа ќе се имплементира, како ќе се спроведува – ниту за момент ова прашање за прагот на толеранција не го потцени, ниту за момент ова прашање не го ставивме на страна. Ние сме свесни, правевме анализа на стандардите кои што се во оваа област, како и правевме анализа на компаративните искуства на повеќе држави. И претпоставувам дека и вие медиумите веќе правите истражувања и ќе се согласиме дека таа техничка отстапка, техничка грешка, дозволива грешка или како и да сакате наречете ја, е различна во различни држави. Некаде ќе се соочиме дека е 3 километри на час фиксно, некаде дека е 5, некаде дека е 7, некаде оди со проценти – 3% до 100 километри брзина, некоја фиксна над 100 километри итн. Неспорно е дека кога имате технички уред за мерење, дозволено е тој да има, само да е на минимум, таа толеранција и техничка грешка. Поентата е да е што е можно поголем минимумот. Неспорно навистина е, што го констатиравте, дека и брзинометрите на возилата се различни. Сето тоа се има во предвид, сè уште се работи во овој период. Одлуката не е конечна. Меѓутоа, ќе биде донесена онаа одлука при што ќе биде запазен стандардот. И сакавме во овој период, морам да нагласам, да тестираме дали сите технички барања кои што ги имавме, дали регулативата која што е предмет на реформи во овој период, како тоа ќе се рефлектира во тест периодот. Сакавме прецизни мерења, сакавме целосна и реална слика и сакавме и граѓаните да видат со што се соочуваме секојдневно. А дополнително се прават тие анализи, заклучоци… Повторувам, одлуката сè уште не е донесена, меѓутоа ќе се донесе на обостран интерес: и да бидат задоволени стандардите, и да биде испочитувана најдобрата пракса (добра пракса која што е присутна во веќе напредни европски држави кои што вакви системи практикуваат подолг временски период), а истовремено тоа да биде на задоволство и на граѓаните.
360 степени: Ние исто така го тестиравме системот. Речиси по цел „Партизанска“ возевме со 55 до 60 километри на час, меѓутоа добивме само една опомена и тоа кај мостот „Обединети Нации“. Па се поставува прашањето, дали сите камери ловат, пак ќе речам условно кажано „ловат“, и брзина?
Снежана Петровиќ-Арсовска: Кога веќе сте го тестирале, претпоставувам сте виделе, бидејќи и со голо око веќе секој граѓанин може да примети – тие се видливи – дека постојат различни видови на камери. И тоа не е спорно. Значи постојат различни типови на камери. Некои камери констатираат сообраќајни прекршоци и снимаат однапред, го снимаат возилото, некои камери констатираат сообраќаен прекршок за кој е потребно, како што е црвеното светло, да се снима возилото од задната страна… Што значи да, постојат различни видови на камери. Се мапираат. Тоа не значи дека камерите што сега сте ги забележале на терен е се оние кои што ќе останат, бидејќи процесот е отворен. Нашите заложби се континуирано да се зголемува и подрачјето кое што ќе биде покриено со камери и бројот на камерите. Почнуваме со пилот-проект во Скопје, меѓутоа знаете дека тоа е фазно и динамика се проширува и на другите градови, на автопатиштата во Македонија и тенденцијата е во најкраток можен период наредната година да биде покриена територијата на целата држава.
360 степени: Безбедно и планирано поминавме и на две жолти светла, меѓутоа не добивме опомена. Дали тука има некаков проблем системот да не го детектира тоа?

Снежана Петровиќ-Арсовска: Во поглед на поминување на крстосница кога имаме светлосен сигнал жолто, е многу децидно регулиран во законот и јас ќе се обидам да го објаснам, па да навлеземе во таа анализата кога ќе биде граѓанинот казнет. Таму е утврдено дека на крстосница може сообраќајот да се регулира со давање на светлосни уреди и тогаш имате три бои на светлосните уреди: црвено – што е неспорно забрането за минување; зелено – слободно движење; и имате жолто – забрана за движење, освен за оние возила кои со оглед на оддалеченоста на возилото од уредот кој што го дава сообраќајниот знак дека е жолто и брзината која што се движи, не може безбедно да го помине сообраќајниот знак. Токму тоа е и направено и побарано од оние кои што ни го испорачаа системот во нашите технички барања – постојат стандарди како се констатира поминување во тие ситуации. Ќе се обидам едноставно некако да објаснам, иако не ми замерајте, посебно експертите што се експерти во таа област, јас ќе се обидам поедноставно да го пренесам. Тоа ви се зона црвено, зона жолто и зона зелено. И зависност кога фотографијата, кога техничкиот уред врши фото-запис, тој констатира каде е позицијата на возилото, во која зона се наоѓа, каде е светлосниот уред и кој е светлосниот знак што е даван (која боја, дали е тоа црвено, жолто или зелено) и дали позицијата на возилото ја поминало таа критична линија дека веќе безбедно не можело да запре. Ако ја поминало таа критична линија и навлегло во зона каде што веќе можело безбедно да запре, а несомнено ни е познато дека некогаш даваме и несвесно можеби навиките веќе не се сменети, кажете „гаси и поминувам“ – тогаш ќе биде казнето и ќе добиете опомена. Меѓутоа, ако сте можеле безбедно да запрете, а техничкиот уред тоа го констатирал, тогаш ќе запрете и нема да добиете никаква опомена. Ние мора да апелираме и за подигнување веќе на свесноста и сообраќајната култура да ја менуваме ние граѓаните. Знаете сите сме сведоци на појава кога заминувам во странство не ми е проблем да ги почитувам правилата, меѓутоа во Македонија е малку поинаку. Она што јас од мое лично искуство можам да го коментирам, а и колегите на работа веќе пријатели, познаници – забележана е веќе појава, за разлика од порано кога трепка зелено (кое што не предупредува дека од ситуација на слободно движење се преминува во ситуација на забрана за движење, дека светлосниот уред ќе смени), наместо како на времето да даваме гас за да го фатам зеленото, сега веќе имате благо закочување, се успорува, за да се види дали и која ќе биде ситуацијата, па во зависност од тоа и вие да реагирате на крстосницата дали ќе застанете. Што значи ве молам немојте така да ги гледате работите, бидејќи тоа е сепак софистициран уред кој има свои параметри технички поставени и точно мора да се знае во која позиција мора да е возилата, каква е состојбата во тоа време, брзината, и да се види во која зона сте биле и дали сте ја пречекориле таа критична, јас ја викам, експертите сигурно не ја викаат таа или таа спорна линија.
360 степени: Според првичните најави, Safe City системот исто така требаше да „лови“ и непрописно паркирање или запирање на булеварите. Ние паркиравме на одредени локации во краткорочен период, за да го тестираме тоа во близина на камери, на места каде што многу често се оставаат возилата (близу одредени локали), меѓутоа не добивме никаква опомена за тоа. Па како ова се регулира со Safe City?
Снежана Петровиќ-Арсовска: Не би сакала да се повторувам, меѓутоа мислам дека во однос на првото прашање посочив и сакам, морам да повторам, дека самиот период „тест“ значи дека вие нешто тестирате. Не може сè, сега, веднаш. Мора да биде тоа некоја динамика. Значи, тест периодот е фазно тестирање. Има одредени, повторувам, фази кога се одредени зони, има фаза кога селокупно се оптоварува систем и работат сите камери, имате фази кога одреден временски интервал работат некои камери, некои не работат. Така и во поглед на паркирањето. Прво мора да правиме разлика, законот уредува запирање и паркирање. Имате зони во градот Скопје и во сите населени места каде што истовремено имате забрането запирање и паркирање. Има зони каде што е забрането само паркирање, дозволено е запирање. Запирање е само ќе ги потсетам гледачите дека е кога вие правите привремено престанување со движење со возилото до 3 минути и возачот не го напуштил возилото. Значи сите овие моменти ние мора да ги имаме во предвид. Мора да го имате во предвид, како да кажам, зоната која што ја опфаќа камерата. И дополнително, паркирањето нема да се констатира само со статичните камери, туку ќе постојат и возила со посебна опрема кои што ќе кружат низ населеното место, ќе има според свој план задачи и ќе констатираат паркирање. Така да можеби да, сте паркирале и не сте биле фатени, меѓутоа не заборавајте дека сме во тест период, дека тоа ќе функционира и за тоа ние токму овој период на проверка…Али во контекст на ова, да не заборавам, само да кажам дека верувам дека ќе добијат некои сообраќајници приоритет. На пример, ние мора да обезбедиме пред сè и да реагираме таму овој период и да тестираме, каде што е загрозена безбедноста на граѓаните, на животот на граѓаните и каде што ни е отежнат протокот на сообраќај. Па вие ќе се согласите, ние имаме булевари каде што постојано десната лента се користи за застанување пред кафичи, пред пазар, пред продавници и го закрчуваат сообраќајот. Потоа имате возила кои што застануваат непосредно на пешачки премини, застануваат на раскрсници (сведоци сме дури, јас апелирам на сите, каде што треба кружно вртење вие имате некој тогаш да остави некој патник или да земе некој патник), со што ја загрозуваат безбедноста нагло се кочи и слично. Така да, овој период ќе се можеби форсираат тие фази на тестирање. Повторувам, тестирање, а не дека нема да се казнуваат. Да, запирањето, т.е. паркирањето е една од лепезата на сообраќајни прекршоци која што е опфатена со овој систем и ќе биде предмет на санкционирање.
360 степени: Да ви дадам уште неколку примери барем ние што ги направивме планирано, нели. Прегазивме на самиот семафор, прегазивме малку од пешачкиот премин во момент кога немаше пешаци нормално. Се престроивме на полна лента пред семафор, симулиравме зборување на телефон и возење, но за овие не добивме исто така опомена. Па да, рековте дека е тест период, меѓутоа ќе ги ловат ли камерите и овие ситни се, но многу важни прекршоци?
Снежана Петровиќ-Арсовска: Ова што го кажавте е навистина загрижувачки и сведоци сме, и уште поригорозно се вози во сообраќајот. Ние сме сведоци дека некој знае од крајно десна да помине во крајна лента затоа што во последен момент се сетил дека треба да заземе друга позиција за да сврти лево на крстосница и слично. Меѓутоа, мора да дозволиме да почне системот да функционира и јас само ќе ве потсетам дека уште во својот зародиш на овој проект, рековме дека опфатот на видовите на сообраќајните прекршоци ќе биде фазно и ќе се надградува. За почеток ќе бидат санкционирани со Safe City следните прекршоци: поминување на црвено светло, пречекорување на брзина, паркирање и возење со возила кои не се регистрирани или на кои што не им е продолжена важноста на сообраќајната дозвола. Но, тоа не значи дека тој нема да се однесува и на другите констатирани сообраќајни прекршоци и да, во иднина нашите заложби е што повеќе сообраќајни прекршоци кои што се констатирани со Safe City и постои фото-запис, да, ќе бидат предмет на санкционирање на начин како што ќе биде и во овој период. Меѓутоа, мора да пробаме и да ги тестираме сите овие сообраќајни прекршоци, затоа што како што пред малку говорев за поминување на жолто-светло, тие технички барања, параметри и сè се различни и ние мора да дадеме можност, пак ќе кажам, дали нашите технички барања одговара системот на тоа, дали е прецизен, да ја добиеме комплетната слика, а потоа со одредена динамика, за која што се задолжени други служби и не би можела во овој момент да ви кажам ни располагам со тој податок, да се проширува опсегот и бројот на сообраќајни прекршоци. И да, ќе бидат опфатени и други сообраќајни прекршоци покрај овие што веќе ви ги наведов.

360 степени: Уште едно прашање кое што налетав по реакција на граѓани. Прашање кое што вели: возачите на мотоциклисти, да, должни се да го почитуваат, да ги почитуваат правилата во сообраќајот, меѓутоа особено да речеме во летниот период постои своевидна толеранција од самите други учесници во сообраќајот дека на возачите на мотоциклисти им е дозволено да се движат по работ на коловозната лента или имаат разбирање за нив. Како тие ќе се третираат по Safe City?
Снежана Петровиќ-Арсовска: Сите сме сведоци и на мотоциклите и на велосипедистите и на електричните тротинети, затоа што ќе мора да признаеме кога е човечки фактор во прашање, полициски службеник, не може толку полициски службеници да бидат ангажирани на секое место и да ги констатираат сите прекршоци. Предноста на Safe City ќе биде што работи 24/7, што ќе ја опфати целата територија на Македонија, што ќе ги опфати критичните места каде што зачестено се вршат прекршоци (анализите покажале изминатиот период) и секако мотоциклистите нема да бидат исклучок. И колку што сум информирана, да, за овие видови на сообраќајни прекршоци и тие ќе бидат предмет, нормално, и во ова тестирање ќе добиваат опомени. Меѓутоа мислам дека тие не се во овој малце период за среќа на тестирањето можеби или на граѓаните, во зимскиот период помалку се присутни во сообраќајот, за разлика од летниот период. Али да, потврдувам дека ќе се предмет на, опфатени се со овој систем и ќе бидат предмет на санкционирање за овие прекршоци.
360 степени: Друга реакција беше дека пристигнуваат опомени на погрешни телефонски броеви. Имате со базата на податоци некаков проблем или не?
Снежана Петровиќ-Арсовска: Ние ги следиме реакциите на граѓаните и, пак ќе кажам, тоа беше една од целта на ова тестирање, да од сите аспекти се погледне како е функционален системот. И мора да признаеме секогаш, за секогаш е човечки фактор во прашање, можни се отстапки, недоследности и предизвици. Како што и претходно напоменав, при давање на податоците при регистрација на возилата, секој граѓанин што вршеше регистрација на своето возило беше должен (и е должен и сè уште, значи тоа е во тек секогаш кога ќе се регистрира возило), да даде точни податоци за бројот на мобилниот телефон и електронската адреса. Да го потпише тоа, да гарантира дека податоците се точни и само во тој случај може да се комплетира регистрацијата, бидејќи овие елементи се задолжителни при давање, при вршење на тој процес на регистрација. Можно е, не сакајќи, поради грешка, поради превид од самите граѓани, да се направи пермутација на број или погрешен број даден, и поради тоа да се појавуваат ваквите случаи. Меѓутоа, бидејќи веќе се појавија реакции во јавноста и сите ние добронамерни критики ги поздравуваме, ги очекуваме и апелираме и понатаму да ни пријавуваат со што сè се соочуваат. И токму поради тоа колегите од Министерството за внатрешни работи во оваа проблематика кажаа дека работат на соодветни реакции на ваквата потреба од граѓаните. Така да, во овој тест период, како што сум информирана, за многу кратко секој граѓанин кој што ќе добие опомена во овој период и записник со прекршочен платен налог, ќе има можност, видлива, да доколку има вакви предизвици, констатации и сака да реагира (и треба да реагира), да ги наведе кратко, фактографски, со аргументи, затоа што секоја нивна забелешка и укажување ќе биде земена во предвид, ќе биде нотирана. Целта е заедничка – системот да биде успешен и функционален, а тоа не зависи и не е во интерес само на МВР. Во интерес е на секој граѓанин, затоа што знаеме како се тргна со овој проект: безбедноста на сообраќајот на патиштата, животот на човекот пред сè. Животот на човекот нема цена. Жртвите да се намалат на најмало можно ниво. Дополнително, како што сум информирана, во наредните денови во овој тест период ќе биде промовирана и ќе следи и една апликација на сајтот на Министерството за внатрешни работи и ќе биде достапна и преку мобилните телефони. Но таа апликација, повторно секој граѓанин таму ќе може да ги изнесува своите забелешки и сугестии, меѓутоа апелирам значи тие да бидат фактографски, кратки, разбирливи со аргументи, за да можеме соодветно да ги преиспитаме сите наведени настани, дали е тоа така и како може да се надминат. И на таа апликација, меѓутоа апликацијата што ќе биде на сајтот и што ќе биде достапна на мобилните телефони, граѓаните ќе може да ја искористат токму од овие причини – да направат проверка на бројот на мобилен телефон што го оставиле или на електронската адреса. Сакам да искористам оваа можност, да ги известам граѓаните дека согласно понудената измена на законската регулатива, постои обврска (ќе постои за секој граѓанин кој што направил регистрација на возило и пријавил вакви податоци), меѓутоа во меѓувреме, од едната до другата регистрација направил промена, дали на својата електронска адреса или на својот број, да може, прво должен е да ги ажурира. Ќе има можност да ажурира во Полициските станици за технички прегледи што ги оставил, меѓутоа ќе може да ажурира многу лесно и едноставно (денеска е сепак 21-ви [век], дигитализација), така, да ги ажурира согласно понудената регулатива, ќе следи и глоба доколку не ги ажурира, бидејќи мора да даваме точни податоци за да ова биде успешен проект. Тоа е наша право и обврска.
360 степени: На крај би сакал да ве прашам, бидејќи најавено беше дека ова, декември е тест периодот, од 1 јануари почнува автоматското казнување. Јас ви посочив неколку примери, не знам можеби вие самите имате најдено уште некој недостатоци на системот за да се доуредат до 1 јануари. Ќе стартува ли казнувањето на 1 јануари или ќе се пролонгира?
Снежана Петровиќ-Арсовска: Ова што велите и ние сами наоѓаме некои недостатоци, пак ќе каже, премногу го користам и се повикувам на тој тест период, ама целта на тест периодот е токму тоа. Да се провери. Дали она што сте го побарале сте го добиле, колку е прецизно, дали има отстапки, ако има како тоа може да се корегира и слично, и тоа го правиме периодов. Значи континуирано стручните лица ги следат состојбите, реагираат, подобруваат итн. Проценките кога се започна со работата во оваа работна група за имплементација на овој проект, беа дека први јануари е датум кога навистина ќе бидат исполнети сите услови и предуслови за да се почне со успешна и ефикасна имплементација на законските решенија. Ние сè уште сакаме и да веруваме дека тоа ќе се постигне. Меѓутоа, доблест е човечка ако утврдите дека е потребно уште нешто да се направи, да го направиме тоа, а не по секоја цена да робуваме на однапред утврдени факти. Во овој период, и драго ми е што денеска ги отварате сите тие прашања, целта ни е што е можно повеќе да ги запознаеме и граѓаните. Затоа што секој граѓанин треба да знае, не е глобата цел сама по себе. Повторувам, целта ни е безбедноста во сообраќајот на патиштата, намалување на бројот на жртвите и сведување на најниско можно ниво, па дури и на нула посакуваме да ни е во населените места. И токму заради тоа, за да се подигне таа свесност, за да секој граѓанин што е учесник во сообраќајот и управува со возило, треба да ги знае своите права, треба да ги знае обврските. Треба да знае во кој рок кое право го има, дали ќе го искористи, како треба да постапи ако јас сум возела возило, како треба да постапи ако возилото му го отстапил на некој, а знаел дека е негово. Треба да ги знае измените кои што се сериозни и радикални во Кривичниот законик во поглед на забраните за изрекување, во поглед на одземање на возилото и слично. Треба да ги знае измените и глобите кои што се во Законот за возила. Да не применуваме методи, многу се големи глобите сега во поглед на преземање на мерки на пример и за скривање на бројот на регистарската табличка. Ако вас за претената глоба, ако преземате некоја мерка за да не ве фати камерата, да не биде читлива табличката е поголема од прекршокот кој што можеби ќе ви биде 15 евра, па ако платите половина е 7 и пол евра, секако дека вие како граѓанин ќе ја прифатите одговорноста за она што сте го направиле и нема да одите кон такви некои дејствија за да избегнувате одговорност. Бидејќи интересот е обостран. И техничките уреди да бидат ефикасни и системот да биде прецизен, да функционира, да одговара на техничките барања од една страна. И граѓаните од друга страна да бидат во целост запознаени, да не бидат соочени со моментот дека сега веднаш и вака, а имаат дилеми, трилеми како што вие денеска поставувате. Ние сè уште ги преиспитуваме овие прашања, не знаеме каква ќе биде крајната оценка, меѓутоа пак ќе кажам, јас мислам дека е човечка доблест ако проценките говорат дека е потребен ради овие причини кои што се обидов претходно да ги објаснам, е потребно да се пролонгира, ќе предложиме таква можност и тоа останува на стратешките одлуки во Министерството.
360 степени: Ви благодарам.
Снежана Петровиќ-Арсовска: Ви благодарам и вам, само ако ми дозволите да искористам оваа можност. Сепак во мое лично име како граѓанин, како учесник во сообраќајот, а уште повеќе како претставник во случајов од Министерството за внатрешни работи, сакам да апелирам до секој поединец, до секој граѓанин, до секој учесник во сообраќајот на било кој начин, до секој субјект во државата што е вклучен и треба да учествува во реализација на оваа имплементација – за да биде успешен, да биде ефикасен, сите да работиме на подигање на својата свесност, на својата сообраќајна култура, да ги почитуваме оние обврски кои што ни се во сообраќајот, да допринесеме навистина да се чувствуваме безбедно во сообраќајот и да се намали значително и фрапантно бројката на сообраќајните незгоди и сообраќајни прекршоци. Ви благодарам и за можноста да говорам денес со вас.
