По последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека не е задоволен од неговата работа, државниот јавен обвинител се повикува на извештајот на Европската комисија, која, како што вели, не само што не бара смена, туку ги нотира неговите потези

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски не смета дека негово евентуално разрешување или заминување од функцијата ќе придонесе за повисок буџет за Јавното обвинителство. Најавите за негова смена, пак, ги смета за политички мотивирани.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Коцевски вели дека работи професионално и дека за тоа зборуваат резултатите. На прашањето дали негово заминување би довело до поголем буџет за Јавното обвинителство, Коцевски одговара дека тоа не е логично.
„Не верувам дека јас сум единствената пречка за буџетот да се зголеми. Не гледам некоја поврзаност на мое заминување со буџетот, затоа што тоа се пари коишто треба да се дадат на Јавното обвинителство“,
одговори Коцевски.
Тој додава дека обвинителството штедливо располага со средствата и дека буџетот служи за плати, вештачења и тековно функционирање.
По последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека не е задоволен од неговата работа, Коцевски се повикува на извештајот на Европската комисија, која, како што вели, не само што не бара смена, туку ги нотира неговите потези.
„Ако сте го прочитале извештајот на Европската комисија, таму воопшто не се споменува смена на државниот јавен обвинител, туку дека државниот јавен обвинител донел упатство за приоретизирање на предметите коишто се од висока корупција“,
рече државниот обвинител.
За најавите за негово разрешување, Коцевски вели дека не навлегува во политичките одлуки, туку останува фокусиран на работата.
„Сепак, мислам и тоа го повторувам, дека се тоа политички изјави. За мене важни се резултатите“,
вели државниот јавен обвинител.
Според него, никогаш во изминатите 30 години немало толку обемни и тешки случаи од висок профил на корупција како во периодот откако тој ја води институцијата.
Коцевски потсетува дека Министерството за правда веќе достави иницијатива за негово разрешување до Советот на јавни обвинители, но дека Советот утврди оти нема тешка дисциплинска повреда.
Коцевски беше прашан и дали има корупција и политички влијанија врз работата на Јавното обвинителство. Тврди дека никој не ургирал кај него.
„Досега, еве првпат ќе кажам, кај мене лично никој досега нема влијаено за ништо. Во мојата канцеларија досега не дошол ни еден адвокат или обвинет да се јави, да нешто ургира“,
кажа Коцевски дополнувајќи дека тој одговара само писмено.
За случајот во кој член на Советот на јавни обвинители и врховен судија беа фатени во случај со примање поткуп за да влијаат на судски случаи, Коцевски одговара:
„Беа огласени за виновни и беа и казнети“.
На критиките за склучените спогодби со обвинителството и јавните наводи дека во овој случај имаше јавен интерес за судски процес, тој рече дека тоа е законска можност која обвинетите ја искористиле.
