Интервјуто на 360° со амбасадорката Петра Дрекслер доаѓа веднаш по посетата на шефот на германската дипломатија, Јохан Вадефул, на Скопје што беше негова последна дестинација од турнејата низ Западен Балкан. Во разговорот, амбасадорката ги пренесува позициите на владата во Берлин за блокираните евроинтеграции на Македонија, за прашањето за уставни измени – условот за продолжување на пристапниот процес, но и за затегнатите односи меѓу владата и судската и обвинителската власт околу финансиите што ги добиваат за кои премиерот вели дека се поголеми од 75 отсто од земјите члени на ЕУ
„Впечатокот што изминативе денови можеби се појави кај некого во државава е дека Германија инвестира во правосудството помалку од Северна Македонија. Тој впечаток е погрешен. Мора убаво да се погледнат бројките. Ако ги споредите податоците кои Европската комисија за ефикасноста на правосудството ги доби како резултат на испитувањето во 2022 г., ќе видите дека Германија уште во тоа време инвестирала во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Северна Македонија“, вели амбасадорката Дрекслер
360°: Амбасадорке, за време на посетата на германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул на Скопје немаше изјави за медиумите, освен објави на социјалните мрежи. Од германска перспектива, што е исходот од разговорите што министерот Вадефул ги имаше со премиерот Христијан Мицкоски и со шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски?
Петра Дрекслер: Најпрво, срдечно благодарам за поканата, ме радува многу што денес гостувам во Вашата емисија. Со посетата на шесте земји од Западен Балкан, министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадефул, испрати многу јасна порака: овој регион за Германија има надворешнополитички приоритет. Иднината на Западен Балкан ја гледаме во ЕУ. Министерот за надворешни работи Вадефул и тука, во Скопје, нагласи уште еднаш дека за нас клучот на патот кој води натаму е во решителното спроведување на реформите. Германија и понатаму ќе дава поддршка на натамошниот пат, и да, оваа перспектива за пристап е реална.
360°: Во објава на Инстаграм, по состаноците во Скопје, од германското МНР, меѓу другото, порачаа: „Сега особено е важен напредокот во односите со Бугарија за да може да има натамошни успеси во пристапниот процес“. Може ли да го објасните значењето на оваа порака?

Петра Дрекслер: Вистинско приближување е можно само кога тука и во регионот довербата повторно расте. Добрососедските односи се, во крајна линија, лепилото што ја држи Европа заедно. Ова единство на Европа денес е поважно од кога било, бидејќи само така можеме да ја гарантираме нашата заедничка способност за дејствување, и само ако успееме како соседи заедно да дејствуваме, можеме да ги гарантираме нашите стабилност, благосостојба и безбедност и во иднина како Европа.
Уставни измени – европска позиција зад која стои и Германија
360°: Каков е ставот на владата во Берлин за прашањето за уставните измени за внесување на Бугарите?
Петра Дрекслер: Во 2022 година успеавме да најдеме компромис. Компромис кој не е совршен, но кој овозможува конечно да се започне со вистински преговори. И договореното важи. Тоа е европска позиција, зад која, секако, стои и Германија.
Бугарија и пресудите од Стразбур
360°: Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инсистира на гаранции дека уставните измени ќе бидат последното билатерално барање во пристапниот процес на земјава кон ЕУ. Паралелно, Владата бара Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права за Стразбур кои се однесуваат на правото на организирање на Македонците во соседната земја. Остварливо ли е ова?
Петра Дрекслер: Тука го начнувате прашањето за довербата, што е многу важно. Кога ќе ги погледнеме пресудите на Европскиот суд за човекови права, тогаш секако дека е од суштинско значење, сите ние што сме членки на Советот на Европа, да ги почитуваме и заштитуваме европските конвенции за човекови права. Заедно постигнавме согласност за тоа, за да гарантираме дека постојат еднакви стандарди за човекови права во рамките на заедницата на Советот на Европа. И затоа сите ние се обврзавме за спроведување на пресудите од ЕСЧП. Тоа важи за Германија, тоа важи за Северна Македонија, секако дека важи и за Бугарија, и за сите други земји членки на Советот на Европа. Направивме и многу повеќе, се согласивме и за тоа, дека спроведувањето на пресудите од ЕСЧП заедно ќе го следиме. Тоа го правиме во министерскиот комитет на Советот на Европа, каде што Германија има многу активна улога. Тоа значи дека спроведувањето на вакви пресуди не е само македонско очекување, туку и германско очекување, тоа е очекување на сите земји членки на Советот на Европа и затоа секако веруваме во нивното спроведување. Тоа е принцип на мултилатерализам.
Гаранции
360°: Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, неодамна од Софија, зборувајќи за застојот во преговорите со Македонија, порача дека е разумно да и се дадат гаранции на Македонија дека нема да има нови билатерални барања во текот на пристапните преговори. Дали Германија го дели овој став?
Петра Дрекслер: И министерот за надворешни работи Вадефул за време на неговата посета во Скопје афирмира уште еднаш дека оваа земја измина многу долг пат во насоката кон ЕУ. И да, и ние сме свесни дека на патот, кој толку долго трае, се изгуби довербата. Тоа значи дека заедно мораме да работиме на тоа и сакаме повторно да ја воспоставиме довербата. За тоа се залага и Германија.

Правосудство: Не е точно дека Германија инвестира помалку од С Македонија
360°: По годишниот извештај на Европската комисија во земјава се води дебата на тема – буџет за судството и за јавното обвинителство. Извештајот, меѓу другото, посочува на финансиска зависност и притисоци од извршната и законодавната власт врз правосудтвото, но премиерот вели дека по цена и следниот извештај да биде критичен, тој не гледа причина за зголемување на буџетот. Што мислите вие на оваа тема со оглед на тоа што Поглавјето 23 е едно од клучните во преговорите за членство во ЕУ?
Петра Дрекслер: Ја следам оваа дебата со загриженост. Вие веќе навестивте со Вашето прашање, правосудството и основните права се одлучувачки критериум во пристапните преговори. Зошто е тоа така? Бидејќи ефикасно и независно правосудство што функционира е, во крајна линија, предуслов за сè понатаму. Ако тоа не е обезбедено, тогаш како држава нема да бидете конкурентни на внатрешниот пазар на ЕУ, нема да можете долгорочно да се докажете како дестинација за инвестиции и нема да можете да ги гарантирате основните права на сите граѓанки и граѓани. И токму поради тоа, владеењето на правото е темелот на Европската Унија. И бидејќи тоа е така, ние како Европска Унија нема да можеме да примиме нови членки во нашите редови, кои не можат да гарантираат дека во нивната држава владее правото уште пред пристапувањето. Но, секако, ефикасноста на правосудството не се обезбедува само преку пари. А уште помалку станува збор исклучиво за платите на поединечните групи на професии, како судии, обвинители и други лица кои работат во правосудството. Но, ако дојдете до заклучок дека ефикасноста на правосудството не е загарантирана, тогаш крајниот заклучок не може да гласи ‘инвестиравме премногу, сега треба да инвестираме помалку во правосудството’. На овој начин нема да успеете да ја обезбедите ефикасноста на правосудството. Секако дека е добар пристап, да се види како тоа успеваат да го постигнат другите држави. Европската комисија за ефикасноста на правосудството прави такви компаративни студии кои го содржат во себе и прашањето за финансирањето и за буџетот. Впечатокот што изминативе денови можеби се појави кај некого во државава е дека Германија инвестира во правосудството помалку од Северна Македонија. Тој впечаток е погрешен. Мора убаво да се погледнат бројките. Ако ги споредите податоците кои Европската комисија за ефикасноста на правосудството ги доби како резултат на испитувањето во 2022, ќе видите дека Германија уште во тоа време инвестирала во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Северна Македонија. Секако дека знаеме оти мора да се земат предвид и фискално-политичките аспекти во преговорите за буџетот. Така е и во Германија. Но, и во Германија знаеме дека мораме и понатаму да инвестираме во правосудството, за нашата правна држава да остане силна. Токму поради тоа, сојузната влада ова лето донесе нова верзија на „Пактот за правната држава“. Тоа значи дека во следните четири години ќе одвоиме дополнителни половина милијарда евра, за да ги поддржиме сојузните покраини, за нови работни места во јавните обвинителства, во судовите, онаму каде што се потребни, за да се инвестира во модернизација на инфраструктурата и да се овозможи дигитализација. Ова е централно прашање. И уште еднаш, на крајот, ние како ЕУ ќе може да примиме само нови членки кои континуирано работат на тоа владеењето на правото да биде загарантирано.
„30 отсто од учениците учат германски“
360°: Уште една реченица од објавата на министерот Вадефул на Инстаграм по престојот во Скопје привлекува внимание и отвора дилема – на што мисли кога вели дека речиси 30 отсто од учениците во Македонија, меѓу кои и моето дете, учат германски јазик – на тоа дека ова се потенцијални работници на пазарот на трудот во Германија или се луѓе што од овде, од идната членка на ЕУ, полесно ќе соработуваат со Германија?
Петра Дрекслер: Тоа што толку многу луѓе тука учат германски јазик е нешто што го радува секој говорител кому германскиот му е мајчин јазик и кој доаѓа во посета на Вашата земја. И ме радува што и Вашиот син е меѓу оние што учат германски. Тоа е, пред сè, доказ на нашите извонредни односи, кои не се одвиваат само преку добрите односи на владино ниво, како што беше потенцирано уште еднаш со посетата на министерот за надворешни работи Вадефул, туку тоа е реалност во општеството.
