„Тој е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор ‘Скопје’ за издржување на мерката“, информираат од МВР
Седумдесет и осумгодишен тетовец доби кривична пријава и му е одреден осумдневен притвор откако вчера попладне физички ја нападнал својата четири години помлада сопруга, нанесувајќи ѝ телесни повреди.

Како што соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР), 78-годишниот Ш. А. бил лишен од слобода вчера во 16 часот, откако случајот бил пријавен истиот ден во утринските часови кога и ја нападнал својата сопруга.
„На 11.06.2026 во 16:00 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода Ш.А. (78) од Тетово, постапувајќи по претходна пријава дека околу 09:00 часот во семејниот дом физички ја нападнал неговата 74-годишна сопруга, и ѝ нанел телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Тетово“,
се вели во соопштението од МВР.
Тој, како што се додава, бил задржан во полициска станица и против него е поднесена кривична пријава според член 130 од Кривичниот законик, по што бил изведен пред судија на претходна постапка, кој му одредил осумдневен притвор.
„Тој е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор ‘Скопје’ за издржување на мерката“,
додаваат од МВР.
Инаку, според извештајот на ресорното Министерство во изминатото деноноќие имало шест пријави за семејно насилство, а по интервенцијата на полициските службеници се приведени пет лица.
Според МВР, полицијата интервенирала во Струмица, Гостивар, Битола, Велес, Куманово и во Скопје. Последниот случај е од ноќеска, кога припадници на СВР Струмица лишиле од слобода 59-годишна жителка на струмичко село, која неколку часа претходно, во семејниот дом ги нападнала нејзината снаа и малолетниот внук.
Таа е задржана во полициската станица во Струмица, а за случајот е известен јавен обвинител од тамошното Основно јавно обвинителство.
