Авионот на папата Лав XIV ги започнал процедурите но, поради технички проблем со моторот, тој не полетал

Папата Лав XIV ќе се врати во Рим со авион обезбеден од кралот на Шпанија, се вели во соопштението од канцеларијата за печат на Светата столица. Ова доаѓа откако претходно поради технички проблем со моторот, авионот „Иберија Ербас А320“ што требаше да го врати папата во Рим, не полета.
Персоналот на Светата столица и новинарите што патуваат со папскиот лет ќе се вратат во наредните часови со посебен авион.
Во соопштението се додава дека авионот „Иберија Ербас А320“ ги започнал процедурите за полетување околу 16:15 часот по локално време, но кратко потоа, скалите за качување повторно биле вратени до авионот и Папата, придружуван од кралот Фелипе VI, бил упатен до ВИП салонот на аеродромот. Набрзо по нив пристигнале и државниот секретар, кардиналот Пјетро Паролин, заедно со другите кардинали и бискупи што ја придружуваат папската делегација, кои исто така се симнале од авионот.
Папата Лав XIV денеска ја заврши седумдневната посета на Шпанија, за време на која ги посети Мадрид, Барселона и Канарските Острови. Посебен фокус на неговата посета беше прашањето за миграцијата, а на Тенерифе се сретна со мигранти и со претставници на програми за нивна интеграција. Во пристаништето Санта Круз служеше и миса на отворено.
