Од СВР Тетово најавуваат дека по целосно расчистување и документирање на случајот, против 21-годишниот Б.Л. ќе биде поднесена соодветна пријава

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово вчера во 13:10 часот извршиле претрес во објект во Тетово, при што биле пронајдени и одземени дрога и оружје.
Претресот бил извршен, согласно судска наредба, во берберница лоцирана на улицата „Преспанска“, која ја користел 21-годишниот Б.Л. од Тетово.
Како што се вели во соопштението од полицијата, иако корисникот на објектот, Б.Л. не бил присутен за време на акцијата, претресот бил извршен во присуство на Х.А. (23) од Тетово, син на сопственикот на куќата под која се наоѓа берберницата, кој присилно ја отворил вратата.
При претресот се пронајдени и одземени повеќе пакувања со марихуана, дигитална вага и 2 000 празни кеси, пиштол „зораки“ калибар 9 милиметри со една празна рамка во него.
Од СВР Тетово најавуваат дека по целосно расчистување и документирање на случајот, против Б.Л. ќе биде поднесена соодветна пријава.
