Во претседателската трка се две кандидатки, независната Кетрин Коноли која обезбеди поддршка од левичарските опозициски партии и Хедер Хамфрис, кандидатка на Фине гејл која беше министерка во последната коалиција
Ирците од 7 часот утрово избираат кој ќе им биде претседател во следните седум години. Повеќе од 3,6 милиони луѓе имаат право на глас, а резултатите треба да бидат познати во сабота вечер.

Во претседателската трка се две кандидатки, независната Кетрин Коноли која обезбеди поддршка од левичарските опозициски партии и Хедер Хамфрис, кандидатка на Фине гејл која беше министерка во последната коалиција.
Тие се натпреваруваат за местото наследник на Мајкл Д. Хигинс, кој беше претседател од 2011 година. Коноли (68), јасна фаворитка во низа анкети спроведени за време на кампањата, рече дека е претставничка на движењето „Глас за мир и единство“.
Коноли претходно била психолог и адвокат, а доби поддршка од Шин фејн, социјалдемократите, лабуристите и други левоориентирани партии. Таа гласно зборува за палестинското прашање и заштитата на ирската воена неутралност и го критикува отстапувањето на аеродромот „Шенон“ на користење на американската војска.
Хамфрис (64), пак, се претстави како „центристка, проевропска, здраворазумна кандидатка, ориентирана кон претприемништвото“, додавајќи дека на позицијата ќе го донесе своето искуство во владата и како менаџер на кредитна задруга.
Таа е презвитеријанка која пораснала на селска фарма во близина на границата на Северна Ирска. Таа рече дека има уникатно разбирање за различните традиции на островот Ирска.
На гласачкото ливче ќе се најде и трето име. Кандидатот на партијата Фијана фаил, Џим Гевин, технички сè уште има можност да победи на изборите, и покрај тоа што пред неколку недели изјави дека се повлекува од трката поради откриени долгови.
Претседателската функција главно се смета за церемонијална улога, но носи и важни одговорности, вклучително и советување за уставноста на предложените закони пред нивното донесување.
