Тој нагласи дека секој следен потег на државата мора да биде низ призмата на тоа да се добијат гаранции дека тоа ќе биде последното барање, да се добие нешто опипливо и предвидливо што е важно за државата и граѓаните, и Бугарија да покаже европски вредности и да одговори за македонската заедница во Бугарија
Говорејќи за резултатите од првиот круг од локалните избори и за барањата за предвремени парламентарни избори, Мицкоски ја предупреди опозицијата дека треба да бидат внимателни што зборуваат и што посакуваат бидејќи, како што рече, може и да им се оствари

Никогаш не треба да се попушти кога се во прашање интересите на нашиот македонски идентитет и интересите на Македонија, рече премиерот Христијан Мицкоски во својот говор по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври, и ја нагласи потребата од заштита на националните интереси наспроти предизвиците на евроинтеграциите.
Мицкоски порача дека битката за подобар живот и стандард е најважна за народот и дека целта за Европската Унија мора да се гледа низ призмата на постигнување тоевропски стандарди. Тој истакна дека и покрај многуте нефер откажувања што народот ги прифатил со разочарување, тоа не смее да стане непринципиелен начин на однесување.
„И битката за Европската Унија треба да се гледа низ поривот за подобар живот и стандарди, и затоа таа наша цел, и покрај сите удари и пречки, остана патот што сакаме да го изодиме. И овој пат е наше природно право, и иако многупати откажувањата што ги направивме не беа фер, народот со разочарување и со кнедла во грлото ги прифаќаше. Не е едно, не се две, туку тоа полека станува непринципиелен начин на однесување“,
рече Мицкоски.
Премиерот се осврна и на актуелните барања за уставни измени и прифаќањето на Бугарите во Уставот, поставувајќи прашање: „Што добиваме ние од тоа, и дали конечно е ова крајот?“
Тој нагласи дека секој следен потег на државата мора да биде низ призмата на одговорот на овие прашања и заштитата и обезбедувањето – да се добијат гаранции дека тоа ќе биде последното барање, да се добие нешто опипливо и предвидливо што е важно за државата и граѓаните, и Бугарија да покаже европски вредности и да одговори за македонската заедница во Бугарија.
„Не ѝ требаме на Европа обезличени и целосно осакатени. Ѝ требаме достоинствени, горди, онакви какви што сме“,
рече Мицкоски.
Тој ја критикуваше опозицијата, обвинувајќи ја дека е „подготвена да прифати многу повеќе“ и да отстапи од националните интереси.
„Таквата трговија со нашето, со заедничкото, за нив претставува картата со која сакаат да останат во политичкиот живот, не размислувајќи за штетата што ја прават не само на себе, туку и на целата држава и сите идни поколенија“,
додаде премиерот.
Тој ја нагласи улогата на ВМРО-ДПМНЕ како „единствена пречка“ во остварувањето на тие намери.
„Не треба никогаш да попуштиме кога се во прашање интересите на нашиот македонски идентитет и на нашата преубава држава Македонија“,
кажа Мицкоски.
Според него, досегашното однесување на опозицијата ги закотвило како спореден играч на политичката сцена, велејќи дека би било добро тие да ја преземат улогата на „притискање и храбрење да ги чуваме црвените линии“.
Говорејќи за резултатите од првиот круг од локалните избори и за барањата за предвремени парламентарни избори, Мицкоски ја предупреди опозицијата дека нивните упорни „блефови и вештачки теми“ може да доведат до предвремени парламентарни избори. Иако директно не ги посакува, Мицкоски порача дека опозицијата треба да биде внимателна со своите изјави.
„А на опозицијата ќе им оставаме време да се консолидираат и да размислат дали ќе се осмелат да одат на предвремени избори, кои, да бидам директен, јас не ги посакувам и сметам дека се непотребни и дека е време за резултати и голема офанзива на секој план“,
изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека сега е време за работа и резултати, но посочи дека „веселата математика и оваа упорност со надмудрување и создавање вештачки теми“ мора да добие соодветен одговор.
„Затоа нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат – може и да им се оствари“,
порача Мицкоски во својот говор.