Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје во вечерашното гостување во централниот дневник на ТВ Сител го повтори изборното ветување дека ако ја запечати победата во вториот круг ќе го исчисти градот од смет за 72 часа
Одговорноста за ситуацијата со сметот во главниот град е кај тој што го менаџира во моментов, а тоа е Данела Арсовска, изјави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизија Сител.

Ѓорѓиевски ова го кажа прашан за коментар на изјавите на Арсовска дека проблемот со несобирањето смет го прават кадри на ВМРО-ДПМНЕ што го водат Управниот одбор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје.
„Не треба оној кој е создавач на кризите и тој којшто треба да ги најде решенијата постојано да го вперува прстот во некого и сите да бидат виновни освен тој. Одговорноста има име и презиме, односно тој којшто е менаџер на главниот град, во случајот Арсовска. Се знае каде е командната одговорност. Дали е директор на Комунална хигиена дали Управниот одбор, колективна вина има таму кај сите и сите треба да си одговараат за непостапувањето. Јас немам детали за тоа што се случува внатре“
рече Ѓорѓиевски, кој влезе во вториот круг од локалните избори за градоначник на Скопје, каде противкандидат му е Амар Мециновиќ од Левица.
Во врска со проблемот со сметот во главниот град, Ѓорѓиевски рече дека тој не е само од денес или изминтата недела, туку дека станува збор за хроничен проблем со кој Скопје се соочува неколку години наназад.
Во овој период, како што кажа, тој и градоначалниците на другите општини се соочувале со проблеми поради што морале самите да снаоѓаат околу собирањето на отпадот.
Како еден од проблемите тој го посочи и тоа што на одредени микро локации наместо три-четири контејнери имало само еден, изразувајќи притоа сомнеж дека некој намерно го направил тоа во предизборието.
„Ќе треба да утврдиме дали некој свесно или намерно го направил тоа“
кажа Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека како општински градоначалници почнале да дејствуваат пред неколку дена, но бидејќи немаат соодветна механизација помош добиваат од општествено одговорни компании. Било договорено и онаму каде што некоја од општините не може да одговори на предизвикот да се вклучи соседната општина.
„Ќе мора да делуваме брзо…Ќе побараме помош“,
рече Ѓорѓиевски.
Тој го повтори изборното ветување дека ако ја запечати победата во вториот круг и стане градоначалник на Скопје, ќе го исчисти градот од смет за 72 часа.
„Стојам зад секое мое ветување и одговорно тврдам дека ќе биде сработено за периодот којшто сум ветил дека ќе биде сработено. На Градот Скопје му треба генералка, и тоа не е квантна физика тука треба добро да се организираме. Но главната организација треба да е во ‘Комунална хигиена’ која ги има сите ресурси за коишто граѓаните плаќаат“,
рече Ѓорѓиевски.
Инаку, актуелната скопската градоначалничка, Данела Арсовска, завчера коментирајќи ја фотографијата на Ѓорѓиевски со која тој обзнани дека добил поддршка за вториот изборен круг од новозибраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити и кандидатот на ВЛЕН за Скопје, Башким Бакиу, се осврна на ситуацијата со сметот и ветувањето на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го исчисти градот за 72 часа.

„Сега ќе го исчистеле за 72 часа. Нормално дечко дека ќе го исчистите, затоа што од инат го правите хаосот, ти кога ќе дојдеш да си многу успешен и способен за 72 часа со чистење ѓубре, за да можеш на висинското ѓубре да му го криеш криминалот и да си продолжите со дивоградбите“,
напиша Арсовска во објавата.
Таа го повика Ѓорѓиевски за проблемот со сметот да се обрати кај претседателката на Управниот одбор на Комунална хигиена, Јулијана Спировска, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што наведе, го управува КХС изминатите четири години.