Конечните резултати од изборите Државната изборна комисија ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Овие резултати ДИК ги објавува за секоја општина одделно
Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од локалните избори добиени по електронски пат од општинските изборни комисии ги објавува сукцесивно, додека оние врз основа на податоците од записниците на општинските комисии ДИК треба да ги соопшти во рок од 12 часа по завршувањето на гласањето.

Општинските изборни комисии, пак, првичните резултати од изборите треба да ги објават во рок од седум часа по завршувањето на изборите, а врз основа на податоците од избирачките одбори.
Резултатите се истакнуваат на огласна табла во општините и се соопштуваат на јавните гласила.
Изборната комисија на Град Скопје првичните резултати од изборите за членови на советот, односно градоначалник на главниот град треба да ги објави во рок од 10 часа по затворањето на гласачките места врз основа на податоците од општинските изборни комисии за Градот Скопје. Како и во општините, и за Градот Скопје резултатите се истакнуваат на огласна табла и се соопштуваат на јавните гласила.
Конечните резултати од изборите Државната изборна комисија ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Овие резултати ДИК ги објавува за секоја општина одделно.
Општинските изборни комисии конечните резултати ги објавуваат веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Според Изборниот законик, во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број граѓани со право на глас, запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.
Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број запишани избирачи во општините и во Градот Скопје, се повторува целата изборна постапка.
Изборите за градоначалници во единиците на локалната самоуправа се вршат според мнозинскиот изборен модел, а изборите за членови на советите по пропорционален модел, во еден круг.
На овие локални избори право на глас имаат 1 832 415 избирачи кои се запишани во Избирачкиот список и гласаат на вкупно 3 474 избирачки места.
Граѓаните избираат меѓу 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети, со што вкупниот број на кандидати изнесува 10 490.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалник има во Град Скопје каде што се пријавени вкупно 16.
Гласањето завршува во 19 часот. Но, тоа може да биде продолжено доколку на местото каде што се гласа во 19 часот се уште има избирачи и на нив ќе им биде овозможено да гласаат. Гласањето може да биде продолжено и доколку во текот на денот настанал прекин на гласањето по одлука на Општинската или Државната изборна комисија, гласањето ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот. Ова продолжување не може да биде подолго од три часа.