Според договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, Израел требаше да ги врати телата на 15 Палестинци за секој вратен починат израелски заложник, објави „Тајмс оф Израел“
Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа, со што вкупниот број на вратени лица се искачи на 135, соопшти денеска Министерството за здравство на Појасот управуван од Хамас.

Според договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, Израел требаше да ги врати телата на 15 Палестинци за секој вратен починат израелски заложник, објави „Тајмс оф Израел“.
Претходно денеска канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Хамас мора да го почитува договорот и да ги врати останките од преостанатите 18 убиени заложници кои сè уште се наоѓаат во Појасот Газа.
Израелската војска (ИДФ) претходно го информира семејството на убиениот Елијаху Маргалит дека Хамас синоќа го вратил неговото тело во Израел.
ИДФ соопшти дека, според разузнавачките информации, Елијаху (75) бил убиен на 7 октомври 2023 година, а неговото тело подоцна било однесено во Појасот Газа од кибуцот Нир Оз.
Смртта на Елијаху Маргалит беше потврдена од израелската војска во декември 2023 година.
Во меѓувреме цивилната одбрана на Појасот Газа денеска соопшти дека пронашла останки на девет лица и дека тие биле убиени од израелската армија во напад по договорот за прекин на огнот.
„Во координација со канцеларијата на Црвениот крст, тимовите на Цивилната одбрана успеаја да пронајдат девет жртви откако израелската окупација вчера таргетираше автобус што превезувал раселени лица источно од населбата Зејтун во градот Газа“,
изјави Махмуд Басал, портпарол на организацијата.
Израелската армија соопшти дека идентификувала, како што наведува, сомнително возило кое ја преминува линијата на повлекување во Појасот Газа, договорена според договорот за прекин на огнот.
Војниците, тврди Ерусалим, отвориле оган откако биле предупредени да ја елиминираат заканата и го сториле тоа во согласност со договорот.