Откако Трамп ја презеде функцијата пред 10 месеци, неговата администрација ги засили антиимиграциските мерки, презеде чекори за намалување на државниот апарат и спроведе намалување на финансирањето на елитните универзитети поради несогласувања за прашања како што се пропалестинските протести, етничката, расната и родовата разновидност на кампусите и трансродовите политики
Протести на повеќе од 2 600 локации наречени „Без кралеви“ (No kings) се закажани денеска низ сите 50 американски држави, масовна мобилизација против политиките на претседателот Доналд Трамп за имиграција, образование и безбедност, за кои организаторите велат дека ја туркаат земјата кон автократија.

Вториот ваков протест од ваков обем во градовите, предградијата и малите градови низ САД по сличните во јуни, се смета за мерка за фрустрацијата на противниците на конзервативната агенда што брзо се прошири низ целата земја.
Откако Трамп ја презеде функцијата пред 10 месеци, неговата администрација ги засили антиимиграциските мерки, презеде чекори за намалување на државниот апарат и спроведе намалување на финансирањето на елитните универзитети поради несогласувања околу прашања како што се пропалестинските протести, етничката, расната и родовата разновидност на кампусите и трансродовите политики.
Прогресивниот сенатор Берни Сандерс и конгресменката Александра Окасио-Кортез, прогресивна демократка, ги поддржаа протестите заедно со поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, која ги загуби претседателските избори во 2016 година од Трамп. Голем број познати личности, исто така, го поддржаа движењето.
Во јуни се одржаа повеќе од 2 000 протести „Без кралеви“, во голема мера без инциденти, на денот кога Трамп го прослави својот 79. роденден и одржа воена парада во Вашингтон.
Дана Фишер, професорка на Американскиот универзитет во Вашингтон и авторка на неколку книги за американскиот активизам, предвиде дека на денешните протести посетеноста се очекува да биде најголема во модерната историја на САД. Таа очекува повеќе од три милиони луѓе да учествуваат, врз основа на регистрациите и присуството на настаните во јуни.
„Главната поента на овој ден на акција е да се создаде чувство на колективен идентитет кај сите луѓе кои се чувствуваат прогонувани или вознемирени поради администрацијата на Трамп и нејзините политики. Тоа нема да ги промени политиките на Трамп. Но, би можело да ги охрабри избраните функционери на сите нивоа кои се во опозиција на Трамп“,
рече Фишер.