Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека треба да се истражат сите околности бидејќи возачот на автобусот, на 69-годишна возраст, добил неограничено продолжување на лекарското уверение и дека, според информациите од сообраќајната полиција, вината била поради несоодветна брзина

Состојбата на повредените во тешката сообраќајна несреќа што се случи кај Сремска Митровица, a во која животот го загубија три лица, и понатаму е сериозна, изјави денеска директорот на Општата болница во Сремска Митровица, д-р Војислав Мирниќ.
„Хоспитализирани се 39 пациенти. Од нив, седум се со потешки повреди и се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека 15 пациенти се подготвени за отпуст,“
рече Мирниќ.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека треба да се истражат сите околности бидејќи возачот на автобусот, на 69-годишна возраст, добил неограничено продолжување на лекарското уверение и дека, според информациите од сообраќајната полиција, вината била поради несоодветна брзина.
„Три лица ги загубија животите. Вкупно имаше повеќе од 80 патници, мислам дека 57 беа повредени, уште седум или осум лица се во сериозна состојба, но засега се стабилни. Значи, ова е сериозна несреќа. Како што ми кажа сообраќајната полиција, вината е кај возачот, несоодветната брзина. Секако, тоа сега е прашање на анализа“,
изјави Дачиќ за ТВ Прва.
Тој додаде дека е потребно да се анализира и колку треба да бидат стари возачите и дека треба да се испитаат сите околности на несреќата.
„Мислам, тоа не значи ништо за патниците, за семејствата кои ги загубија своите најблиски, но треба да се испитаат сите околности бидејќи на 69-годишна возраст ја добил дозволата, добил продолжување на лекарското уверение дека бил способен за тоа, како што ми рекоа, на неодредено време. Како и зошто, тоа треба да го утврди истрагата“,
додаде Дачиќ.
Во несреќата, која се случила на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, загинаа три лица – две на самото место и едно во болница, од последици на тешките повреди.