Од Министерството за култура и туризам потсетуваат дека по преземањето на Универзалната сала од Градот Скопје, а особено по настанатиот пожар, Министерството спровело низа активности со цел успешна реализација на проектот за нејзина реконструкција
Завршена е постапката за избор на изведувач за реализација на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје, информира Министерството за култура и туризам. Како што додаваат оттаму, денеска е донесена одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка за „Изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи и ентериер на објект Универзална сала во Скопје – по принцип на изградба клуч на рака“.

По завршување на законските рокови за доделување на договорот, како што се наведува во соопштението од Министерството за култура и туризам, ќе биде потпишан договорот за изведба, а по исполнување на сите потребни предуслови за почеток на градба и воведување на изведувачот во работа, ќе следува официјалното започнување на градежните активности.
Рокот за реализација на проектот е предвиден до декември 2027 година. Набавката се реализира по принципот клуч на рака, што значи дека во предвидениот рок објектот ќе биде целосно изграден, уреден и подготвен за користење, односно за одржување концерти, настани и други културни содржини.
Од Министерството за култура и туризам потсетуваат дека по преземањето на објектот на Универзална сала од Градот Скопје, а особено по настанатиот пожар, Министерството спровело низа активности со цел успешна реализација на проектот за нејзина реконструкција.

Како дел од овие активности, Министерството преку измени и дополнувања на проектната документација преземена од Градот Скопје обезбедило целосно нова проектна документација на ниво на основен проект за реконструкција на Универзална сала.
„Овој проект беше претставен пред македонската јавност и со неговата реализација ќе се зачува споменот и колективната меморија за објектот, а воедно ќе му се даде и нов, современ и повеќенаменски карактер“,
велат од Министерството за култура и туризам.
Манифестацијата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“, покрај во другите објекти од областа на културата во градот, ќе се одвива и во обновената Универзална сала, која повторно ќе стане едно од омилените места за културни настани и собири на граѓаните.