Зошто обвинителниот акт досега не е оценет, иако беше поднесен пред речиси три месеци – прашање што родителите и блиските досега во повеќе наврати го истакнуваат, од Кривичниот суд причината ја лоцираат во неговата достава до адвокатите на обвинетите и претставниците на правните лица опфатени во обвинението
Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти дека очекува до крајот на оваа недела да биде оценет обвинителниот акт за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Соопштението на Кривичен доаѓа откако родители и блиски на загинатите во трагедијата, од „Маршот за ангелите“ одржан во саботата, порачаа дека доколку до 3 октомври не добијат официјален одговор на нивните прашања околу постапката, мирните маршеви ќе ги заменат со блокади и протести.
Од Кривичен велат дека на 3 октомври истекуваат сите законски рокови за прием и достава на приговорите на обвинителниот акт, со што, како што додаваат оттаму, се исполнуваат сите услови за негова оцена.
„Со оглед дека во овој момент сите обвинети и нивни бранители го имаат примено обвинителниот акт, и на 03.10.2025 година истекуваат сите законски рокови за прием и достава на приговор, со што се исполнуваат сите услови за оцена, се очекува актот до крајот на неделата да биде оценет, за што јавноста и странките ќе бидат навремено известени“,
се вели во соопштението од скопскиот Основен кривичен суд.
Откако ќе биде оценет и доколку го помине филтерот на Советот за оценка на обвинителен акт, Судот треба преку автоматизираниот систем за распределба на судски предмети – АКМИС да определи судија што ќе го суди предметот и да одреди датум за почеток на главната расправа.
Зошто обвинителниот акт досега не е оценет, иако беше поднесен пред речиси три месеци, прашање што родителите и блиските досега во повеќе наврати го истакнуваат, од Кривичниот суд причината ја лоцираат во неговата достава до адвокатите на обвинетите и претставниците на правните лица опфатени во обвинението.
„Од приемот на обвинителниот акт, судот ги има ангажирано сите расположливи ресурси за достава на актот до странките, прием на сите приговори и нивно процесирање до јавниот обвинител. За жал, во текот на изминатите неколку месеци, доставата кај дел од адвокатите и претставниците на правните лица не можеше да се реализира навреме, односно и покрај најавите од судот дека актот ќе им биде доставен директно во нивните канцеларии заради поголема ефикасност во постапувањето, истите беа отсутни. Заради тоа доставата, а со тоа и роковите за приговор, непотребно се одолговлекуваа“,
велат од Кривичен.
Дополнително, оттаму велат дека треба да се напомене оти станува збор за предмет со 37 обвинети правни и физички лица, кои се застапувани од 33 бранители и претставници на фирмите.
„Уште еднаш би сакале да потенцираме дека судот ги прави сите напори за да ги исполни Законските обврски и доследно да ги испочитува загарантираните права на странките, сè со цел да не се компромитира предметот во понатамошниот дел од постапката“,
се наведува во соопштението од Кривичен.

Родители и блиски на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во саботата од „Маршот за ангелите“ порачаа дека веќе нема да бидат трпеливи и дека доколку до 3 октомври не добијат официјален одговор од институциите, до кои, како што рекоа, се доставени барања и во писмена форма, веќе нема да има мирни маршеви туку блокади и протести. Родителите рекоа дека бараат да се стави крај на одолговлекувањето на случајот и да се овозможи вистинска правда, оценувајќи ја трагедијата за најголемо масовно убиство во Македонија.
Тие побараа одговори и од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во врска со постапката што се води против 13 полициски службеници во врска со трагедијата.
Инаку, оваа постапка е во фаза на истрага и за неа сè уште не е поднесено обвинение.
„Срамота е да чекаме шест месеци додека обвинителството и судството играат на време. Бараме одговори сега – од ОЈО ГОКК до каде е постапката против вработените во МВР, кога ќе го оформите обвинителниот акт. До судиите во Кривичниот суд – ќе ја донесете ли оценката на обвинителниот акт или ќе застанете зад политичките интереси“,
рекоа родителите на загинатите во трагедијата во Кочани.
За потсетување, неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство на 13 јуни соопшти дека е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките се прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази за нив.
Меѓу лицата за кои се прекинува постапката се и двајца поранешни министри за економија.
Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата „Класик ДМ“ ДОО Кочани, чија подружница бил т.н. кабаре „Пулс“, односно фирмата „МММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани. Обвинети за трагедијата се и тројцата ексградоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, еден генерален секретар и двајца министри за економија, службеници на Државниот пазарен инспекторат, како и членови на обезбедувањето на клубот, од кои еден, како што беше кажано, немал ниту лиценца за вршење на дејноста.