Судијката Јанчулева-Михаиловска ја ослободи Димова за делото измама, како и третообвинетата Ана Павлиду која се товареше за кривичното дело несовесно работење во службата
Основниот кривичен суд Скопје ја прогласи за виновна поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – „Еразмус+“, Лидија Димова, за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување и ја осуди на затворска казна од две години.

Пресудата денеска ја изрече судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, која рече дека Димова е виновна за кривичното дело, како што е опишано во обвинението и како што судот ја утврдил фактичката состојба.
„Сторила злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик, па со примена на оваа одредба и на членовите 4,7,29, 30,31, 32, 33, 35 и 39 од Кривичниот законик ја осудува на казна затвор во траење од две години“,
рече судијката при изрекувањето на пресудата.
Како што наведе таа, Димова согласно законските прописи судот ја задолжи и во рок од шест месеци од правосилноста на пресудата да ја надомести штетата на Националната агенција во износ од 22 725 220 денари (околу 370 000 евра).
Обвинетата Димова, како што наведе судијката треба да плати и судски паушал од 10 илјади денари и да ги покрие судските трошоци кои ќе бидат конкретизирани во пресудата.
Судијката Јанчулева-Михаиловска, ја ослободи Димова за делото измама, како и третообвинетата Ана Павлиду која се товареше за кривичното дело несовесно работење во службата.
Според судот, во делот на измама на штета на европски фондови не бил опишан начинот на кој е извршено делото и не е јасно наведено на кој начин, дали и како биле искористени лажните податоци.
„Без вакви елементи недостига основ на делото измама и судот беше спречен објективно да оцени дали обвинетата пропуштила и дала невистините податоци и со тоа предизвикала штета на фондови на Европската Унија. Судот во тој дел беше должен да донесе ослободителна пресуда“,
рече судијката.

Инаку, застапник на обвинението е обвинителката Сузана Мирческа-Кузмановска.
Обвинението против поранешната директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) го поднесе на почетокот на јуни 2022 година. Освен неа беа обвинети и еден надворешен соработник и благајничката во Агенцијата во периодот кога Димова беше директорка.
Обвинителството ги товареше за злоупотреба на европски пари, а според тогашните проценки на обвинителството штетата што била предизвикана изнесувала 19 945 731 денари или околу 320 000 евра.
Димова се товареше за две злоупотреба на службената положба и овластувања и измама на штета на средствата на Европската заедница. Надворешниот соработник, како второобвинет се гони за измама, а благајничката за несовесно работење во служба.
Според обвинителството, Димова работела спротивно на Законот за јавни набавки и на Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност при склучување на договори со соработници, експерти и обучувачи.
Таа, како што наведоа тогаш од Обвинителството не објавила конкурс и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти и обучувачи.
Воедно, според Обвинителството, таа спротивно на водичот на Европската комисија и на Планот за јавни набавки пет пати во 2018 година при користењето на европските пари работела спротивно на начелата за економичност, ефикасност и ефективност. Тоа значи, според соопштението од обвинителството, дека не објавувала огласи за јавни набавки, не ги почитувала општите правила и не спровела постапки за јавни набавки, туку склучувајќи договори со четири правни лица им овозможила на истите да се стекнат со имотна корист.
Обвинителството, нотира и неправилности во трошењето на парите за службени патувања.