Засега останува непознато кога точно Макрон би можел да го назначи новиот премиер. Извор близок до францускиот претседател изјавил дека наследник на Бајру може да биде назначен уште денеска, а не е исклучено и обраќање на Макрон
Претседател Емануел Макрон денеска треба да ја прифати оставката на премиерот Франсоа Бајру, на чија влада вчера ѝ беше изгласана недоверба, поради што францускиот лидер сега е во ситуација во која мора итно да најде наследник на Бајру за да спречи нова политичка криза, пишуваат светските медиуми.

Вчера, премиерот Бајру претрпе пораз на гласањето доверба на неговата влада во францускиот парламент, што предизвика нова неизвесност во земјата и го стави Макрон пред нов предизвик – да го најде својот седми премиер.
Од кабинетот на францускиот претседател соопштија дека се известени за исходот од гласањето и дека Макрон ќе именува нов премиер во наредните денови. Ваквиот став на Макрон, што го пренесе неговиот кабинет, во извесна смисла, им стави крај на шпекулациите дека е можно францускиот претседател да распише предвремени парламентарни избори.
„Макрон во вторник ќе се сретне со Бајру за да ја прифати оставката на неговата влада“,
се додава во соопштението од претседателскиот кабинет.
Сепак, засега останува непознато кога точно Макрон би можел да го назначи новиот премиер. Извор близок до францускиот претседател изјавил дека насленик на Бајру може да биде назначен уште денеска, а не е исклучено и обраќање на Макрон.
Инаку, повикот на Бајру за гласање доверба на неговата влада ги изненади дури и неговите сојузници. Потегот на премиерот во заминување дојде по неколкугодишниот ќор-сокак во кој се најде неговиот предлог околу буџетот кој предвидуваше мерки на штедење, односно кратење на трошоците за речиси 44 милијарди евра за да се намали долгот на земјата.
За гласањето во Националното собрание, 364 пратеници гласаа против владата на Бајру, додека само 194 ѝ дадоа доверба.
Според член 50 од уставот на земјата, премиерот по изгласаната недоверна мора да поднесе оставка, изјави претседателката на Претставничкиот дом, Јаел Браун-Пивет.
Бајру беше шестиот премиер на Макрон од неговиот избор за претседател во 2017 година, а петти од 2022 година, кога актуелниот француски претседател го освои вториот мандат.

Францускиот претседател, кој е еден од европските предводници на меѓународните дипломатски напори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина, сега се соочува со една од најкритичните домашни одлуки во неговиот мандат – кого да назначи за премиер.
Социјалистичката партија изрази подготвеност да ја предводи нова влада, но не е сосема јасно дали таква администрација предводена од некој како лидерот на оваа партија, Оливие Форе, може да „преживее“ на подолг рок.
„Мислам дека е време левицата повторно да владее со оваа земја и да обезбеди дека можеме да ставиме крај на политиката од последните осум години“,
изјави Форе за телевизијата ТФ 1 (TF1).
Од друга страна, Макрон ја има довербата во своите десничарски министри, како што е министерот за правда Џералд Дарманен, но постои ризик левицата да не ги поддржи.
Според анкетата на „Одокс-Бекбоун“ (Odox-Backbone) за весникот „Фигаро“ (Le Figaro), 64 проценти од Французите сакаат Макрон да поднесе оставка, наместо да назначи нов премиер, можност што тој ја исклучува.
Покрај политичките превирања, Франција истовремено се соочува и со социјални тензии.
Левичарската група наречена „Блокирај ги сите“ повикува на „ден на акција“ в среда, а синдикатите ги повикаа работниците на штрајк на 18 септември.
Исходот од претседателските избори во 2027 година, на кои Макрон нема право да се кандидира, останува отворен, а аналитичарите предвидуваат дека француската крајна десница има најголеми шанси за победа.
Трикратниот претседателски кандидат на Националното единство, Марин Ле Пен, претрпе удар во март кога францускиот суд ја осуди неа и други партиски функционери за измама поврзана со лажни работни места во Европскиот парламент.

Ле Пен беше осудена на четири години затвор, од кои две беа суспендирани, а исто така ѝ беше забрането да се кандидира за функција пет години, што ја уништи нејзината амбиција да се кандидира на изборите во 2027 година – освен ако пресудата не биде поништена во жалбената постапка.
Судот во Париз вчера соопшти дека нејзината жалба ќе се разгледува од 13 јануари до 12 февруари 2026 година, многу пред изборите – потенцијално оживувајќи ги нејзините претседателски надежи.
Поддржана од нејзините пратеници, Ле Пен го повика Макрон да распише предвремени парламентарни избори
„Овој момент означува крај на агонијата на фантомската влада. Претседателот има само една опција – да распише избори и да ја остави земјата да избере. Ако активно учествува во кампањата и се откаже од улогата на судија за да стане играч, тој мора да ги прифати политичките последици во случај на пораз“,
изјави Ле Пен.