Прво Велика Британија, а потоа и Србија излегоа со тврдење дека Грција нема да ја спроведува новата процедура на ЕУ при влез и излез од Шенген-зоната за нивните државјани. Во таква атмосфера разбирливо е што во земјава почна да се поставува прашањето – а ние?
Фактите, сепак, велат дека официјална Атина нема потврдено ослободување од скенирањето отпечатоци од прсти и фотографирањето за ниту една држава. Според актуелните правила на Брисел и не може да има такво нешто. Проверивме што е можно во пресрет на летото
Изминаа првите два продолжени викенда, а со тоа и првиот вистински тест на ЕЕС, новиот дигитален систем за евиденција и контрола на влезот и излезот на државјани од земји што не се членки на Шенген-зоната.
Но, иако заиграа оро заробени на излез од Грција за 1 мај, ниту српските, ниту македонските туристи, ги радува оваа новост.
„Се чекаше по четири-пет часа. Сега ќе се чека по десет до 12 часа“,
вели возач од Македонија.
„Ако се продолжи вака, во оние гужви што беа неодамна и претходно, нема да има турсти“,
рече возач од Србија.
Постои ли можност Грција да го олесни влезот и излезот за соседите и ако да – кои се сценаријата?
Како сега се минува границата
Околу 160 километри по автопатот „Пријателство“. Толку нè делеа од Скопје до кафе и краток одмор веднаш по влезот на грчка територија. Но, целта ни беше друга.
Тргнавме кон нашиот јужен сосед Грција, преку граничниот премин Богородица-Евзони. Ќе провериме со каква административна процедура ќе се соочиме за влез во земја-членка на Европската Унија.
Патувавме во работен ден и во работно време. Немаше сообраќај по пат, па не очекувавме метеж ниту на граница. На преминот „Богородица“ пред нас имаше само два автомобила што чекаа ред за да поминат.
Пасошка контрола и продолживме и ние.

Гужва немаше ниту на „Евзони“, но одеше побавно. Неколкумина патници веќе чекаа да поминат низ процедурата на новиот систем. Излеговме и јас и колегата снимател. Ни побараа само пасоши, а другите документи ни ги вратија. Следуваше фотографирање. „Стој мирно, ама оди малку подесно“, беа насоки на љубезните контролорки. Потоа – скенирање на четири прсти од десната рака. Истата процедура ја помина и колегата.
Па, продолживме на грчка територија.
Целата процедура што ја налага новиот систем за влез во земја-членка на Европската Унија нам, за двајца патници, ни одзеде неколку минути.
Краток одмор и тргнавме назад по истата рута.
Ги спремивме документите и дилемата ја расчистивме на „Евзони“. За излез од Грција чекаа повеќе автомобили. Влеговме во побрзата лента. На шалтерот веќе некој ги скенираше прстите. Луѓето во автомобилот со грчки таблички пред нас покажаа само пасоши.
Нам ни побараа пасоши и повторно ни ги скенираа прстите. Прашав дали треба и фотографирање. „Но фото“, беше одговорот. Брзо поминавме на македонска територија.
Искуството ни покажа дека задржувањето по автомобил сега е подолго. Ако нема сообраќај, нема проблем. Но, како што покажа првомајскиот викенд, чекањето може да одземе и до десет часа.
За нивното искуство поразговаравме со возачите што ги затекнавме. Се погоди најбројни да бидат од Србија.

„Ако не преземат ништо, нема да имаат сезона и готово, тоа е“,
смета возач од Србија.
„Тоа треба да се запре, таа процедура. Да се врати на старо, како што е кај нас.“
360: Дали би тргнале за Грција во такви околности?
„Во сезона – не.“
„Па ние супер поминавме бидејќи денеска нема гужва, брзо поминуваме ние четворица, ама другари влегле во неделата и тоа било пекол. Сега беа три коли и тоа помина брзо.“
360: Колку време беше потребно за вие четворицата сега да поминете?
„Па две-три минути од прилика, ама кога има 500 автомобили – тоа е проблем.“
360: Дали би тргнале за Грција на летување во вакви околности кога е шпиц на сезоната?
„Не, не. Не би оделе за Грција.“
360: Што мислите, што треба да се направи?
„Па не знам, тоа да се направи дигитално па само да покажеме и да одиме. Да го направиме онлајн.“
На постапката и чекањето се жалеа и македонските граѓани.
„Се чекаше по четири-пет часа, сега ќе се чека по 12 или по десет.“
360: Вие сте биле? Колку време ви треба за да поминете?
„Види, имам бугарска лична карта, право ја давам и ниту отпечатоци, ниту сликање, ниту ништо. Ама сега со ова, јас мислам дека до Миравци, до горе, до Неготино ќе има колона.“

За новиот систем негодуваат и македонските државјани од пограничниот регион чија работа налага често поминување на границата.
„Јас сум вработен во казино. Мислам дека многу гужви се создаваат со овој систем. Треба некоја толеранција од Европската Унија за нас вработените што работиме во овој дел. Да се олесни малку пристапот после грчката граница“,
рече возач вработен во казино.
„Не е проблем за возачите, проблем е за македонското стопанство. Ние по три дена правиме една тура од Солун до Скопје, додека во Европа за три дена по илјада до две илјади километри поминуваат“,
рече виозач на камион.
Според статистиката на Министерството за внатрешни работи за време на продолжениот викенд за 1 Мај, на граничниот премин Богородица влез во државата оствариле 26 579 лица, и македонски и странски државјани. Во истиот период, излез оствариле вкупно 14 797. Само за споредба, за време на летната сезона, преку Богородица во Грција влегуваат и до 50 000 патници за време на викендите.
„Од страна на Граничната полиција на нашата држава се преземени сите потребни мерки и активности, односно ставени се во функција сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси, со цел обезбедување брз и непречен проток на патници на нашите гранични премини“,
рече Гоце Андреевски – портпарол на МВР.

Можни решенија
Очигледниот проблем што го донесе новиот систем за влез и излез од Шенген зоната, веќе е кренат на ниво на аларм во повеќе држави. Се разговара за можни решенија.
Британските медиуми, на пример, објавуваа дека Грција и други популарни туристички дестинации ја укинале процедурата за нивните државјани.
Викендов, таков третман за српските туристи најави генералниот козулат на Србија во Солун.
„Сигурно нема да има официјален документ, но српските туристи, со оглед на исклучителните, јас тоа морам навистина да го нагласам, исклучителните политички односи меѓу Република Србија и Република Грција, благодарение на нашиот претседател Александар Вучиќ, каде сите врати ни се отворени, ни се отвори можност на српските туристи да се гледа привилегирано и дека ќе биде суспендиран ЕЕС-системот во периодот од 1 јуни до 30 август“,
рече Јелена Вуиќ-Обрадовиќ – генерален конзулат на Србија во Солун.
По ваквата објава од српските власти, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски изјави дека за ова прашање неколку земји од регионот се во комунација со Европската Унија и со нашите соседни земји членки на Унијата. Засега нема одговор.
„Приметив, исто така, викендов еден обид од темава да се направи естрада во соседна Србија, естраден пристап, затоа што кога се случуваат тие гужви, посебно на копнените гранични премини, не може да тргнете државјани од една држава во една лента, а други да ги оставите сите во други ленти. Низ нашата земја транзитираат голем број држјани на земји членки во Европската Унија, наши државјани, државјани на земји од регионот кои не се членки и затоа секој резултатшто ќе го постигнеме може да го направиме само колективно“,
смета Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи и надворешна трговија.

Варијантата, која сепак се чини најблиска до вистината, е дека ЕЕС системот им дозволува на земјите членки на ЕУ да го суспендираат системот во периоди кога има големи гужви на границите, најмногу до шест часа во текот на едно деноноќие. Таа опција, засега, е активна само за ова лето.
Сања Ристовска е долгогодишна дописничка на државната агенција МИА од главниот град на Грција, Атина. Таа вели дека во грчките медиуми нема многу вести и анализи за ЕЕС-системот. Но, потенцира дека туризмот е многу важен за Грција со оглед дека само минатата година имало рекордни 38 милиони туристи.
„Официјалниот став од грчката влада е дека самата регулатива на Европската Унија дава одредени можности и алатки на секоја земја да се соочи доколку постојат некакви притисоци. Ова е официјалниот став од портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис од минатата седмица. Како би можеле ова да го толкуваме? Можеби, доколку има многу гужви на граница дека нема да се спроведува, меѓутоа ова е само толкување. Останува да видиме како ќе биде во пракса во летниот период“,
вели Сања Ристовска – дописничка на МИА од Атина.

Таа вели дека нема официјален став од грчките власти за потенцијално привилегирање туристи од одредени земји, ниту, пак, за неформално заобиколување на новата процедура.
„Од Грција нема официјално соопштение ниту за Британците, ниту за Србите. И овде во Грција за британските туристи, ми се чини пред две седмици, се дозна токму од британските медиуми што се повикаа на информации од претставник на грчката туристичка организација во Британија и грчката амбасада во Велика Британија, меѓутоа официјална потврда од овде, од Атина, немаше. Ист е случајот и со српските туристи“,
додаде таа.
Од Туристичко-угостителската комора на Македонија велат дека постои неизвесност, но засега нема откажување летни аражмани. Побарале од грчкото Министерство за туризам во текот на летната сезона македонските туристи да бидат изземени од процедурата.
„Ние очекуваме до крајот на месецот да има некој став грчкото Министерство. Меѓутоа, ние мислиме дека и да нема некоја официјална потврда дека ќе има некое како неофицијално суспендирање на ЕЕС-системот, кога ќе проценат грчките погранични власти дека има големи гужви на граничните премини и тоа ќе биде на мала врата спроведено“,
рече Аркан Керим – претседател на Туристичко-угостителска комора на Македонија.

Нема да се чека долго за да се дознае евентуалното решение. Ќе покаже првиот жежок јунски викенд. Или, можеби, веќе покажа изминатиот.
