„На кого уште не му е јасно дека овој ‘голем патриот’, на кого половина од владата, Собранието и партијата имаат бугарски пасоши – не сака да го реши прашањето за внесување на малцинствата во Уставот?“, се вели во реакцијата на опозициската партија на денешната изјава на премиерот
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) преку писмено соопштение со наслов „Лавји котиња со патриотски бугарски пасоши“, реагира на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој денеска рече дека „сè додека има котиња во СДСМ што коленичат и ги распродаваат македонските национални интереси“, не очекува подобрување на односите со Бугарија.

Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање, упати покана за средба со новоизбраниот бугарски премиер Румен Радев, но рече дека не очекува брзо подобрување на односите меѓу двете земји, додавајќи оти вината за тоа ја гледа кај домашната опозиција.
„Мицкоски, шефот на криминалната група ВМРО, денеска повторно, како и секој уличар, продолжува со својот крими-дипломатски речник и преку медиуми испраќа ‘повици’ до новоизбраниот премиер на Бугарија за решавање на добрососедските односи. На кого уште не му е јасно дека овој ‘голем патриот’, на кого половина од владата, Собранието и партијата имаат бугарски пасоши – не сака да го реши прашањето за внесување на малцинствата во Уставот?“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Од опозициската партија велат дека внесувањето малцинства во Уставот не е никакво прашање на загрозување на националниот идентитет и додаваат дека единствено загрозена од придвижувањето на евроинтегративниот процес е ВМРО-ДПМНЕ.
„Секој чекор поблиску до ЕУ е чекор кон тоа криминалната група да сноси одговорност за своите криминално-коруптивни дела. Ете, тоа е единственото загрозено! (Мицкоски) вети дека до јуни ќе ги исполни сите услови за продолжување на разговорите со ЕУ. Од тоа нема ништо – секојдневно бара алиби. Како што до вчера ја обвинуваше СДСМ за Изборниот закон, денеска пратеник на ВМРО рече дека СДСМ не им е потребен за донесување на истиот закон, како што не им беше потребен кога без консензус и без меѓународна заедница ја укинаа техничката влада. Денеска ја обвинува СДСМ (со стандардните навреди и речникот на еден уличар, шеф на подземје, како што му и прилега) за лоши односи со Бугарија, додека пред неколку дена самиот зборуваше за лоши и најави уште полоши односи, додека во Бугарија не е ни формирана владата“,
велат од СДСМ.
Оттаму наведуваат и дека сегашниот премиер, а поранешен претседател на Бугарија, Румен Радев, уште во јули минатата година рекол дека Македонија самата си го кочи патот кон Европската Унија.
„Толку за уличарската дипломатија на единствениот кој клечеше и молеше за власт, ветувајќи укинување на Преспанскиот договор и враќање на името во БЈРМ или ФИРОМ. Така криминалната организација, познатите ‘лавови’, водат политика на изолација на Македонија, додека сите нејзини граѓани ги држат како заложници на нивниот криминал и корупција“,
наведуваат од СДСМ.
Премиерот Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во врска со изборот на новата влада во Бугарија, рече оти се надева дека со неа ќе може да се разговара на „темите за кои треба“, и дека не гледа причина да не го покани Радев на средба.
„Еве, го поканувам“,
рече Мицкоски.
Тој нагласи дека во своите претходни изјави не рекол дека очекува влошување на односите со Бугарија, туку дека не очекува подобрување и оти не е голем оптимист за напредок во преговорите.

Во тој контекст, Мицкоски ја обвини опозицијата дека ги распродава националните интереси.
„Сè додека има котиња од СДСМ што коленичат и ги распродаваат македонските национални интереси, не очекувам подобрување. Наместо да застанат со нас и да се борат за македонските национални интереси, овие котиња одлучија за жолтици да коленичат таму“,
изјави премиерот.
Денеска, откако бугарскиот парламент ја изгласа новата бугарска влада на чело со премиерот Румен Радев, опозицискиот СДСМ упати честитика, изразувајќи надеж дека новата влада во Софија ќе примени конструктивен пристап во односните со Северна Македонија. Во честитката лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати и критики до актуелната власт во земјава и премиерот Мицкоски, кој, според него, свесно го блокира европскиот пат на земјава.
Со реакција по честитката од СДСМ се огласија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде обвинија дека и покрај актуелната блокада од Бугарија, лидерот на опозициската партија побрзал да му се допадне на новоизбраниот бугарски премиер.
