„Сè додека има котиња од СДСМ што коленичат и ги распродаваат македонските национални интереси, не очекувам подобрување. Наместо да застанат со нас и да се борат за македонските национални интереси, овие котиња одлучија за жолтици да коленичат таму“, вели премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати покана за средба до новоизбраниот бугарски премиер Румен Радев, но вели дека не очекува брзо подобрување на односите меѓу двете земји, додавајќи оти вината за тоа е кај домашната опозиција.
Одговарајќи на новинарско прашање дали по изгласувањето на новата влада во бугарскиот парламент ќе му се јави на Радев, Мицкоски рече дека веќе имал контакт со сега веќе избран бугарски премиер.
„Кога победи Радев, јас следниот ден утрото му се јавив, му честитав и му посакав успешни добрососедски односи. Се надевам дека со оваа влада ќе може да разговараме за темите за кои треба. Не гледам причина зошто да не го поканам на средба, еве го поканувам“,
изјави Мицкоски.
За тоа какво затегнување на односите очекува, Мицкоски нагласи дека тој не рекол дека очекува влошување, туку дека не очекува подобрување и оти не е голем оптимист за напредок во преговорите.
Мицкоски ја обвини опозицијата дека ги распродава националните интереси.
„Сè додека има котиња од СДСМ што коленичат и ги распродаваат македонските национални интереси, не очекувам подобрување. Наместо да застанат со нас и да се борат за македонските национални интереси, овие котиња одлучија за жолтици да коленичат таму“,
рече Мицкоски.
Денеска, откако бугарскиот парламент ја изгласа новата влада на чело со премиерот Румен Радев, опозицискиот СДСМ упати честитка изразувајќи надеж дека новата влада во Софија ќе примени конструктивен пристап во односите со Северна Македонија. Во честитката лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упатува и критики до актуелната власт во земјава. Според него, европскиот пат на земјата е под свесна блокада од страна на премиерот Христијан Мицкоски.
Со реакција на честитката од СДСМ се огласија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде го обвинија дека и покрај актуелната блокада од Бугарија лидерот на опозицијата побрзал да му се допадне на новоизбраниот бугарски премиер.
