Од владејачката партија коментираат дека Румен Радев не е нов на политичката сцена во Бугарија и дека неговите ставови поврзани со Македонија и македонскиот идентитет им се добро познати на сите
Непосредно откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче, му го честита доаѓањето на премиерската функција на Румен Радев, од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија дека и покрај актуелната блокада од Бугарија лидерот на опозицијата побрзал да му се допадне на новоизбраниот бугарски премиер.

„Во ситуација кога Македонија е блокирана од Бугарија со билатерални барања кои ги загрозуваат националните интереси, Венко прво што направи е да му се допадне на Радев како нов премиер и да застане на нивна страна, а воедно да изгледа и како кодош и клеветник на македонскиот премиер Мицкоски“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија коментираат дека Румен Радев не е нов на политичката сцена и дека неговите ставови поврзани со Македонија и македонскиот идентитет им се добро познати на сите.
„Радев има кажано дека сонародниците на Гоце Делчев се Бугари, што значи дека ни тој како премиер нема да се откаже од бугарските барања и од ветата поврзани со националниот идентитет. Во таква ситуација, Венко веднаш побрза да му се допадне и да застане на негова страна. Нема предавство што СДС и Филипче не се спремни да го спроведат. Тоа што Заев го започна со распродажба на државните интереси, Филипче сака да го доврши“,
додаваат оттаму.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ следува откако претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, упати честитка до новоизбраниот премиер на Бугарија, Румен Радев, во која, меѓу другото, упати и критики до актуелната власт во земјава која ја обвини за блокада на европскиот пат.
