Во петнаесеттата недела од појавата на првиот случај на ковид-19, кога се очекуваше епидемијата да стивнува, во Македонија се достигна втор, овојпат поголем врв на заразата од првиот. За првпат од почетокот на кризата во земјава има над 1 000 активни случаи
Охрид и Дојран викендов, конечно, добија гости. Во други времиња тоа би била добра вест, но не во овој период и особено не деновиве. Во најголемиот дел туристите се „бегалци“ од Скопје, Тетово и Куманово – градови кои се ставени под 80-часовен полициски час за да спречи ширењето на коронавирусот.
А дека гостите може да донесат нешто повеќе од благодет во туристичките места говорат денешните податоци на Министерството за здравство. Само во последните 24 часа откриени се нови 180 лица заразени со ковид-19. За тие што не ја следат детално епидемијата, тоа е најголем број заразени во едно деноноќие од појавата на коронавирусот во Македонија.
Јунскиот го надмина априлскиот врв на заразата
Но, денешната бројка не е единствената што би требало да допре до свеста и на туристичките работници и на туристите. Анализата на податоците од Министерството за здравство која ја направи „360 степени“ покажува загрижувачки тренд.
Со денешните 180 новозаболени пациенти, постигнат е нов рекорд во бројот на активни случаи – 1 009. Тоа е бројот на луѓе кои досега се дијагностицирани со ковид-19 минус излечените и починатите.
Претходно, врвот на активни случаи беше бројката 977, објавена на 19 април.

Друг негативен показател е колку брзо расте бројот на активни случаи. Како што покажува графиконот погоре, во првиот „бран“ беа потребни 15 дена за бројот на активни случаи да скокне од околу 500 до близу 1 000. Сега тоа се случи двојно побрзо, за само седум дена.
Петнаесеттата недела не е ни до половина, а веќе е рекордна
Дека напливот веќе е или ќе биде голем покажуваат и други податоци. Графиконот подолу го прикажува бројот на новозаразени лица со ковид-19 на неделно ниво, од моментот на првиот случај на 26 февруари. Македонија постепено стигна до врвот на заразата во осмата недела, кога во седум дена имаше 323 новозаразени. Потоа, бројката драматично падна, па се одржуваше на 100-200 случаи неделно, за во четиринаесеттата недела да има 377 случаи. Со црвена боја е вкупниот број новозаболени во петнаесеттата недела од која се изминати само три дена, а веќе имаме речиси 400 случаи.

(изминати се само три дена)
Филипче смирува: бранот ќе трае многу кратко
Причината за драматичниот раст на бројот на новозаболени од ковид-19 министерот Венко Филипче го припиша, главно, на непочитување на мерките од страна на граѓаните.
Според министерот, високите бројки како денешната од 180 нови случаи, е очекуван поради начинот на тестирање кој е применет изминатите денови, со оглед на тоа што се покажало оти има голем број на асимптоматски случаи.
Според него, 90% од новите случаи потекнуваат од 15 семејства и епидемиолозите работат на состојбата.
Министерот, на денешната прес-конференција, ја смируваше јавноста и дека здравствениот систем може да издржи и дека овој нов бран ќе трае многу кратко.
На прашањата за масовната миграција од големите градови во туристичките центри, тој кажа дека и да немало карантин многумина ќе отпатувале. Порача и дека мора да научиме да живееме со вирусот, а апелираше и да се почитуваат мерките, иако и самиот кажа дека непочитувањето на мерките е причината што земјата доживеа втор бран на ковид-19.