Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка ќе се разгледува на собраниска седница закажана за утре во 11 часот

Со измените на Изборниот законик граѓаните што ќе сакаат да учествуваат на локалните избори како независни кандидати за градоначалници или со листи за советници ќе треба да соберат најмалку 0,95 отсто потписи од вкупниот број запишани избирачи во конкретната општина односно Градот Скопје.
„Кога подносител на листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 0,95 отсто потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список за општината, односно Градот Скопје“,
се наведува во членот 60б во предлог-законот што од доцна попладнево може да се најде на веб-страницата на Собранието.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка ќе се разгледува на итна собраниска седница закажана за утре во 11 часот.
Информациите велат дека зад ваквиот предлог стојат партеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ВЛЕН и на СДСМ, додека од ДУИ се против поради тоа што измените не ги земаат предвид сите препораки од ОБСЕ-ОДИХР. На предлогот официјално се потпишани координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пратеничката од Демократско движење на вицепремиерот Изет Меџити, Саранда Имери-Стафаи, и координаторот на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.
Оваа предлог-измена значи воведување нов минимален праг за т.н. независни кандидатури за градоначалници и советнички листи.
Тој е за само 0,05 отсто помал од оној што Уставниот суд го прогласи за неуставен во мај годинава,.
Конкретно, Уставниот суд тогаш со мнозинство гласови ги укина членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.
Овие измени предвидуваа наместо 1 000 потписи, независните кандидати и листи, за да се најдат на гласачко ливче, да соберат потписи од најмалку еден отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица (ако станува збор за парламентарни избори) или општина (ако станува збор за локални избори).
Откако Гаши ги распиша изборите во саботата, кај граѓанските организации се јави дилема дали тие ќе може да учествуваат на изборите и дел од нив почнаа со собирање потписи за формирање политичка партија.
Недовербата се јави и покрај тоа што претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, рече дека на локалните избори ќе може да учествуваат и независни (непартиски) кандидати за градоначалници и листи за советници без собирање потписи.
Повикувајќи се на членот 60 од Изборниот законик, тој рече дека ДИК нема право никому да му го ускрати законското право за учество на избори.
Тој ова го кажа давајќи појаснување на еден од заклучоците усвоени на седница на ДИК, со кој надвор од сила се става Правилникот на ДИК за регулирање на постапката за собирање потписи.
Итната седница и донесувањето на измените на Изборниот законик доаѓа една недела откако претседателот на Собранието, Африм Гаши, ги распиша локалните избори и среде одморот на пратениците кој требаше да трае до 24 август.