Во врска со одлуката на германскиот канцелар Фридрих Мерц, Нетанјаху во телефонски разговор му соопштил дека е разочаран и оти Германија го наградува тероризмот на Хамас со воведување ембарго за оружје за Израел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека Израел нема намера целосно да ја окупира Газа. Ова доаѓа неколку часа откако неговиот кабинет за безбедност одобри план за проширување на воените операции и покрај засилените критики дома и во странство поради разорната речиси двегодишна војна.
„Ние нема да ја окупираме Газа – ние ќе ја ослободиме Газа од Хамас“,
рекол Нетанјаху во своите први јавни коментари, пишува Си-ен-ен.
Пред состанокот на кабинетот за безбедност, Нетанјаху сигнализирал помаксималистички цели, изјавувајќи за „Фокс њуз“ во четвртокот вечерта дека Израел има намера да преземе целосна контрола врз Газа.
Но, откако денеска се соочи со широка реакција од сојузниците на Израел, Нетанјаху, како што пишува Си-ен-ен, омекна дел од реториката што ја користеше пред состанокот.
„Газа ќе биде демилитаризирана и ќе се воспостави мирна цивилна администрација, која не е Палестинската самоуправа, ниту Хамас, ниту која било друга терористичка организација“,
вели денеска Нетанјаху во објава на социјалните мрежи.
We are not going to occupy Gaza – we are going to free Gaza from Hamas.
— Benjamin Netanyahu – בנימין נתניהו (@netanyahu) August 8, 2025
Gaza will be demilitarized, and a peaceful civilian administration will be established, one that is not the Palestinian Authority, not Hamas, and not any other terrorist organization.
This will help free…
Тој додава дека ова ќе помогне во ослободувањето на заложниците и ќе се осигури дека Газа нема да претставува закана за Израел во иднина.
Во врска со одлуката на германскиот канцелар Фридрих Мерц да го запре целиот извоз на оружје и воена опрема во Израел, што би можела да се користи во Газа, од канцеларијата на премиерот велат дека Нетанјаху имал телефонски разговор со канцеларот. Тој му соопштил дека е разочаран од ваквата одлука.
„Наместо да ја поддржува праведната војна на Израел против Хамас, кој го изврши најстрашниот напад врз еврејскиот народ од Холокаустот, Германија го наградува тероризмот на Хамас со воведување ембарго за оружје за Израел“,
се вели во соопштението на Канцеларијата на премиерот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска објави дека неговата влада ќе го запре целиот извоз на оружје и воена опрема во Израел што би можела да се користи во Појасот Газа, како одговор на планот на Израел да го заземе градот Газа и, следствено, целата енклава.
Тој нагласи дека е сè потешко да се разбере како воената стратегија на Израел може да придонесе за постигнување на легитимни цели.
Израелскиот кабинет за безбедност одобрил план за преземање контрола врз Газа, додека земјата ги проширува своите воени операции и покрај засилените критики дома и во странство поради разорната речиси двегодишна војна.
Кабинетот на Нетанјаху објави соопштение во кое детално се опишани одобрените планови за окупирање на градот Газа и петте принципи за завршување на војната, за кои се вели дека се усвоени со мнозинство гласови.