Во објавата насловена како „Ненаучена лекција“, таа повикува на заедничка и бескомпромисна борба против ваквите инциденти

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на својата фејсбук-страница вечерва реагираше на националистичките скандирања на навивачите на Шкендија за време на синоќешниот натпревар со Карабах.
Во објавата насловена како „Ненаучена лекција“, таа повикува на заедничка и бескомпромисна борба против ваквите инциденти додавајќи дека сеопштата осуда на навивачкиот примитивизам, како што вели, на сите ни влеа надеж за цврста решеност за справување со овој неспортски феномен.
„Вчерашните сцени од меѓународниот натпревар Шкендија – Карабах беа реприза на кумановската трагична приказна. Хипокризија и цинизам е селективното реагирање на неспортскиот вандализам“,
напиша Сиљановска-Давкова.
Претседателката нагласува дека само со заедничка и доследна битка против „шовинистичките изблици, без оглед чии се“, може да се изгради здраво општество.
Ова е втора реакција на претседателката во последниве денови. Претходно, таа ги осуди и скандирањата на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово, посочувајќи дека спортскиот терен не смее да се злоупотребува за говор на омраза.
Во вчерашната реакција, Сиљановска-Давкова потсети и на натпреварот од првото квалификациско коло во Лигата на шампиони меѓу Шкендија и велшкиот шампион ТHC од јули годинава на кој велшките фудбалери се пожалија на расистички коментари упатени од тетовскиот фудбалски клуб.
Синоќа, во текот на мечот меѓу Шкендија и Карабах публиката на Националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје скандираше „Илирида“, а дел од медиумите објавија дека се скандирало и „Голема Албанија“.
Натпреварот го следеа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, и вицепремиерот Изет Меџити.
Секторот за внатрешни работи – Скопје во координација со Основното јавно обвинителство – Скопје денеска информираа дека постапуваат по вчерашните националистичките скандирања на натпреварот Шкендија – Карабах на Националната арена „Тодор Проески“.
Скандирањата дојдоа и покрај најавите на полицијата дека ригорозно ќе ги казнува сите што ќе се служат со навреди на трибините, врз база на национална, верска или етничка припадност, откако веќе се случи инцидент во Куманово во саботата.
Тогаш, на мечот меѓу кошаркарските репрезентации на Македонија и на Романија, од трибините во Куманово се слушаа антиалбански скандирања, додека натпреварот го следеше и владина делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски.