Директорот на Пазарниот инспекторат рече дека сопствениците на ресторанот два часа не им дозволувале на инспекторите да влезат во затворениот дел, поради што тие се посомневале дека се работи спротивно на протоколите
Вчерашната контрола во угостителскиот објект на улицата „Боемска“ во Скопје, во кој беше затекнат лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е случајна и дел од редовните контроли што ги врши овој инспекторат за да се утврди дали се почитуваат протоколите за работа во услови на корона-криза.
Директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски на денешната прес-конференција ги отфрли како невистинити обвинувањата дека се работи за политичка заднина на целиот случај, туку дека се работи за рутинска контрола.

„Инспекторите на Пазарниот инспекторат се секојдневно на терен. Тие не треба да знаат, туку имаат наредба да прават контроли дали се спроведуваат протоколите на самото место. Бидејќи е забрането да се работи во затворениот простор, тие имаат должност онаму каде има затворен простор да направат увид. Тие двајца инспектори биле во контрола во тој реон и побарале да влезат во внатрешниот дел, но биле спречени да извршат контрола“,
рече Пауновски.
Тој потоа објасни како се одвивал настанот.
„Кога станало сомнително, инсистирале да влезат, но и потоа биле спречени, па на помош дошле уште двајца инспектори. Откако и после два часа сопствениците не им дозволувале да влезат да направат контрола бил повикан и раководителот на Одделението во Скопје“,
рече Пауновски, додавајќи дека во меѓувреме била повикана и полицијата.
Тој изрази жалење што на целиот настан му се дава политичка заднина и потенцира дека токму сопственикот на овој ресторан пред неколку дена бил на разговор во Инспекторатот.
„Постапуваме само онаму каде не се почитуваат протоколите и нас не интересира правниот субјект, додека физичките лица ниту ги легитимираме ниту гледаме кој бил“,
рече Пауновски, посочувајќи ги пишувањата на некои портали кои настанот го оквалификувале како политичка игра.
„Да ги остават инспекторите како и досега да ја вршат својата работа и да не ги вплеткуваат во политички игри, дека ние сме инсталација на власта. Инспекторатот е формиран од државата и е во служба на државата. Единствен кој таму е поставен сум јас, сите останати се наследени или од претходната власт или од претходно“,
рече Пауновски.
За вчерашниот настан, на ресторанот му е изречена прекршочна санкција за оневозможување службени лица во извршување службени дејства, а поради извршување стопанска дејност во затворениот дел ќе биде поднесена кривична пријава по член 205 и 206 од Уредбата на Владата.
Исто така, тој демантира дека инспекторите добивале закани, бидејќи како што рече тие не направиле ништо што не е законски.
*Поврзани вести
(ФОТО+ВИДЕО) Мицкоски призна, ама полицијата сè уште е на „Боемска“
МВР против МВР на „Боемска“ – куп полиција за снимките од камерите