Лидер на политичка партија вечерва бил затекнат во затворен дел од угостителски објект на улица “Боемска” во Скопје, а на инспекторите кои сакале да извршат увид не им бил дозволен влез во објектот.
Според информации на „360 степени“, станува збор за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. На угостителските објекти од неодамна им е дозволено да работат, но само на терасите, а не и во затворените простории.
За инцидентот вечерва информираше претседателката на одделението за Инспекциски надзор – Скопје на вонредна прес-конференција.
„Во 18:15 часот Инспекторатот беше спречен да изврши увид во еден угостителски објект, со образложение дека тој е од затворен тип и дека нема гости внатре. Колегите продолжија и во другите објекти со контрола, но се вратија во истиот објект со барање да им се отвори објектот за да се изврши надзор. По два часа успеавме да влеземе во објектот, но претходно имаше други дејствија односно излегоа луѓе од објектот. Нормално, инспекторите не може да вршат легитимирање, но препознаен е претседател на политичка партија“,
изјави Мери Проја Продановска од Државниот пазарен инспекторат.
Инспекторката најави дека против угостителскиот објект ќе биде поднесена кривична пријава по член 205 и 206 од Кривичниот законик, а ќе се гони и за спречување инспекциски надзор.
„Сакаме да испратиме апел до политичарите и до сите граѓани дека мора да се свестиме, бидејќи ситуацијата е повеќе од драматична. Држате дистанца и почитувајте ги протоколите. Ова не е шега, ве молам сите да бидеме свесни за да биде полесно за сите нас“,
порача таа.